Мета и Иванов загрижени за здравјето на Едмонд Темелко

од desk2

Градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко кој беше притворен како обвинет во случај на Специјалното јавно обвинителство за изборни нерегуларности е со многу нарушено здравје, а двајцата претседатели на Македонија и на Албанија, Ѓорге Иванов и Илир Мета, на денешната средба разговарале за тоа.

„Претседателот Мета прв пат ми се јави кога беше притворен градоначалникот Едмонд Темелко. Се интересираше за неговата здравствена состојба, затоа што е албански државјанин. Многу тешка е неговата здравствена состојба и претседателот се интересираше дали може да ја преживее постапката која против него се води“, изјави Иванов.

„Секој државјанин треба да ги почитува законите на државата чие жителство има, а тој (Темелко) има и на Албанија и на Македонија. Јас ја искажав мојата загриженост. Се работи за јавна личност во Албанија, се работи за градоначалник, и тоа со многу влошена здравствена состојба“, рече Мета.

Градоначалникот на општината Пустец во Албанија е обвинет во случајот „Титаник“ на СЈО за изборни нерегуларности. Едмонд Темелко го троши третиот градоначалнички мандат во Албанија, а последен пат беше избран за градоначалник во 2015 година.

Слични содржини