vardarfans-q-462x330
Црногорскиот интернационалец во редовите на Вардар, Немања Мијушковиќ кој во Никозија го имаше својот прв официјален меч во „црвено-црниот“ дрес, верува дека неговиот нов тим има сила со поддршка од навивачите да го елиминира АПОЕЛ во квалификациите за Лигата на шампионите.

– Очекуваме тежок реванш натпревар. Потежок меч од оној кој го одигравме на Кипар, затоа што евентуално примен гол двојно ја отежнува работата, така што мораме да бидеме внимателни. Но, јас се надевам дека со полни трибини и со помошта на навивачите можеме да го совладаме АПОЕЛ. Кога веќе успеавме да дојдеме до добар резултат на нивен терен, тогаш на својот мораме да бидеме уште подобри и да се пласираме во следното коло, изјави Мијушковиќ за клупскиот веб сајт.

Црногорецот ја пренесува атмосферата во екипата, која владее во моментов, напоменувајќи дека сите со нетрпение чекаат да почне мечот во вторник.

– Атмосферата во екипата е одлична. Сите се здрави и подготвени. На таа атмосфера се надогради и резултатот кој успеавме да го извадиме во Никозија. Со нетрпение чекаме да почне натпреварот во вторник и да покажеме дека овој тим има квалитет за да помине понатаму, вели Црногорецот.

Натпреварот се игра на арената „Филип Втори“ во вторник од 20 часот. /МИА

Слични содржини