Милошоски бара собраниска седница за јавно разгледување на македонско-бугарскиот договор

од desk2

Согласно член 67 од Деловникот, став 2, голем број пратеници од коалицијата „За подобра Македонија“ ќе поднесат барање за свикување итна седница на Собранието за разгледување на отворена, а не на тајна седница, на договорот меѓу Македонија и Бугарија, соопшти денеска Антонијо Милошоски.


На прес-конференција Милошоски нагласи дека Собранието и Владата треба да отворат јавна дискусија за македонско-бугарскиот договор за добрососедство за да може јавноста да знае што ќе биде потпишано и колкава и која ќе биде користа од овој текст за Бугарија и колкава може да биде штетата за Република Македонија.

– Пред неколку дена имавме затворена седница на инсистирање на премиерот Заев кој кажа дека овој македонско-бугарски договор за добрососедство е се уште нацрт-текст во кој може да се интервенира за подобрувања на текстот, истакна Милошоски.

Според него, пратениците на коалицијата „За подобра Македонија“ увидоа пет суштински слабости кои овој договор го прават штетен за интересите на Македонија и дадоа пет препораки.

– Денес добивме официјална изјава од министерката за надворешни работи на Бугарија Захариева, која наспроти тврдењата на Заев дека текстот на договорот е отворен и може да има подобрувања, тврди дека е затворен, дека немаат намера да преговараат, дека не го признаваат македонскиот јазик и дека нема нешто такво во договорот како македонски народ, посочи Милошоски.

За бугарскиот премиер, додаде, ќе биде победа што ќе потпише договор во кој го нема терминот македонски народ, ни според Уставот на Република Македонија, ни без Уставот на Република Македонија, додека за македонскиот премиер и за Република Македонија како држава ќе биде пораз ако биде потпишан текст во кој не се признава македонскиот како конститутивен народ во Република Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ очекува Собранието да одржи итна и отворена седница за договорот, да се придружат и да го поддржат и пратениците на владејачкото мнозинство, а премиерот Заев да го декласифицира текстот, да каже дали е конечен или дали се уште е нацрт – договор, да го отвори пред јавноста, да се дебатира и народот да знае што ќе биде потпишано и колку од тоа корист ќе има Бугарија, а колкава штета од тоа ќе има Република Македонија.

Слични содржини