Милошоски ја обвини власта за незаконско поставување на кадри

од desk2

Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски денеска на прес-конференција ја обвини власта за незаконско поставување на кадри во Управните и Надзорните одбори, директори на јавни претпријатија и внатре на раководните позиции во државните институции.

Тој кажа дека „незаконските дејствија се одвивале преку делигитимирање на институциите и поставување на луѓе со несоодветно образование.“

– Во Управни и Надзорни одбори се поставуваат луѓе со несоодветно образование и познавање на проблематиката. Особено загрижува фактот што не се почитуваат законите, каде што, законски е определено од кои институции треба да има членови на Управни и Надзорни одбори во одредени агенции како што се Агенцијата за недвижности и катастар и Централниот регистар. Генералниот секретар на владата заедно со неговиот кум, кој што има адвокатска канцеларија, потпишувал решенија за незаконски поставени лица на овие места во Управни и Надзорни одбори – изјави Милошоски.

Тој додаде дека „сето ова се прави надвор од законски предвидените рокови односно по распишувањето на локалните избори, кога де-факто не смее да има прераспределувања, смени, именувања и назначувања.“

– На 3 август наводно се донесени решенија за именувања и разрешувања, а дел од нив после седум дена се објавени во Службен весник. Дел од нив не се ни објавени во Службен весник, а препорачани пратки со решенија за разрешување се пратени на 11 август до одредени лица кои што се разрешени од одредени позиции, и тоа значи, после датумот на кој што се распишани локалните избори- додаде Милошоски.

Според него, „за ваквото незаконско постапување Генералниот секретар на владата, Драги Рашковски зад себе оставил докази кои ќе бидат употребени против него во рамките на правната процедура и ќе бидат поднесени сите пријави кои што законот ги овозможува.“

Слични содржини