Министерот Спасовски се сретна со лидерите на верските заедници во Македонија

од Vladimir Zorba

Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одржа работна средба со лидерите на верските заедници во Македонија.

На средбата, како што соопшти МВР, присуствувале поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија г.г. Стефан, поглаварот на Исламската верска заедница Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов, Емил Заев, претседател на Евангелско – методистичката црква и Берта Романо-Николиќ, претседател на Еврејската заедница на Македонија.

Претставниците на верските заедници се заблагодариле на иницијативата на министерот Спасовски за одржување на ваква средба и потенцирале дека ова е прва ваква средба со министер за внатрешни работи. Според нив, средби од ваков тип се потребни и во иднина за да се реагира заеднички при евентуалните обиди за злоупотреба на религијата.

– На средбата беше нагласено дека верската толеранција и почитувањето на различностите се основни принципи што треба да се негуваат во едно мултикултурно и мултиконфесионално општество како нашето. Лидерите на верските заедници најостро ги осудија сите обиди за создавање на нетрпеливост или верска омраза меѓу граѓаните, притоа имајќи ги предвид неодамнешните настани како сквернавењето на гробиштата во скопското село Љуботен и злоупотребата на децата во приватна установа за згрижување на деца во Скопје, соопшти МВР.

Министерот Спасовски нагласил дека полицијата во рамки на своите законски надлежности, безусловно ќе ги спречи сите обиди за поттикнување на верска омраза и нетрпеливост, спротиставувајќи се на сите облици на екстремизам.

Тој ги информирал поглаварите на верските заедници дека интензивно се работи на расчистување на случаите кои ја вознемириле јавноста и нагласил оти граѓаните ќе бидат соодветно информирани за тоа. Спасовски потенцирал дека МВР останува отворена за секаква иницијатива, соработка или заеднички активности во областа на превентивното делување.

Слични содржини