Мирен премин на власта

од Vladimir Zorba

 Од изборите на 11 декември 2016 година произлезе новото парламентарно мнозинство од 67 пратеници. Тоа е нова власт во Република Македонија, наспроти опозицијата составена од 51 пратеник. Тоа е ,,добра аритметика“ која никој не може да ја побива, вклучувајќи го и Алберт Ајнштајн. Особено кога изборните резултати не се оспорени ниту од домашната ниту од меѓународната јавност.

svetomir skarik 200x250Парламентарното мнозинство е само по себе веќе конституирано Собрание – претставничко тело на 700.000 граѓани, слично на Гогоратуц во Баскија и Собранието на граѓаните во Швајцарија. Побројното мнозинство не може да зависи од парламентарното малцинство зад кое стои волјата на 453.000 граѓани. Не може да зависи ниту од толкувањето на Уставот и Деловникот. Уште помалку може да зависи од претседавачот на конститутивната седница или од дискусиитe и репликитe на малцинските пратеници. Тоа би било спротивно на здравиот разум и на природното право што едно мнозинство го има во однос на едно малцинство.

Во Македонија мора да се случи мирен премин на власта. Така беше досега, по одржаните парламантарни избори од 1990 година до 2014 година. Така мора да биде и по изборите од 2016 година. Во спротивно, земјата ќе биде неразбрана и изолирана од демократскиот свет, ќе се третира како „пиратска“ или како „разбојничка“ држава, поими што прв ги дефинирал Аврелиј Августин во  делото ,,Божја држава“, размислувајќи за причините на пропаста на римската држава.

Рушење на темелните вредности

Непредавање на власта на парламентарното мнозинство значи темелно рушење на уставниот поредок на Република Македонија, враќање на нулта точка од 1990 година. Се оспорува граѓанскиот суверенитет, волјата на мнозинството гласачи. Се игнорираат непосредните избори и другите облици на донесување одлуки со мнозинство гласови. Политичкиот плурализам се претвора во монизам, а губитничката партија се промовира во победничка. Од владеење на мнозинството, демократијата се претвора во владеење на малцинството.

Се урива и начелото на поделба на власта. Земјата е без законодавен дом повеќе од 100 дена. Нема кој да ги донесува законите и да врши ратификација на меѓународните договори. Владата во оставка е без парламентарна контрола и работи што сака. Претседателот на Републиката е со „врзани раце“ по сопствена волја. Без одлука на Собранието не може да ги користи вооружените сили, ниту може да прогласува воена и вонредна состојба (чл. 122, 124 и 125 од Уставот). Останува без можност и да го користи правото на вето – најмоќното оружје во негови раце против неуставните закони и т.н. ,,Тиранска платформа“.

Ставени се под мраз поголем број уставни слободи и права на поголем број граѓани, како што се избирачкото право, вршењето јавна функција, правото на претставка, правото на жалба и правото на одбрана на земјата. Во целост или делумно, под мраз се ставени и 18 членови од Уставот со кои се утврдува положбата, надлежноста, организацијата и одлучувањето во Собранието. Замрзнати се и одредбите за изборите што ги врши Собранието за одредени органи и тела, како и одредбите со кои се регулираат односите на Собранието со другите органи на власта. Во аут се и членовите за измена на Уставот, како и 12 членови со кои се регулираат правата на припадниците на малцинските заедници.

Земјата е без уставотворна и законодавна власт. Тоа е разорна бомба ставена под темелите на уставниот поредок на Република Македонија, темпирана од парламентарното малцинство, без да се знае времето на нејзина експлозија.  Бомбата е поразорна и од „бомбата – мајка“ на претседателот Доналд Трамп, фрлена пред неколку дена во планините на Авганистан. Особено во услови кога парламентарното малцинство знае дека новите парламентарни избори не можат да се распишат без преземање на власта од страна на парламентарното мнозинство.

Толкувањето на Уставот и на Деловникот

Мирното преземање на власта произлегува од духот на Уставот, од сите негови одредби, а особено од оние врз кои се засновува парламентаризмот како облик на владеење. Не само кај нас, туку и во светот, парламентаризмот се развива на мирен, а не на насилен начин. Не случајно, парламентарната демократија се раѓа во оној миг од „Славната револуција“ во Англија кога јавното мислење го присили англискиот монарх Џемс Втори да не врши насилство врз англискиот парламент. Таков притисок треба да изврши и јавното мислење во Република Македонија, врз оние кои го попречуваат мирниот трансфер на власта. А попречувањето го врши парламентарното малцинство и шефот на државата кои во овој случај настапуваат како „еден тим“, предводен од лидерот на партијата што сака и натаму да остане на власт.

Мирниот трансфер на власта не може да се правда со ниту една уставна одредба, ниту пак со одредбите на Деловникот на Собранието, ако обата акта се толкуваат херменевтички (од гледиште на целината на Уставот), а не херметички (од гледиште на само една одредба). И Уставот и Деловникот мора да се толкуваат во функција на изборните резултати, а не обратно. Волјата на граѓаните е примарна, а не толкувањето на Уставот и Деловникот што го вршат подржувачите на парламентарното малцинство и оние експерти кои тврдат дека „националните и државните интереси“ се над правната држава и „формалното право“.

Одредбата од Уставот дека „конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав“ не смее да се толкува како свикувачот да е претседател на Собранието, избран од парламентарното мнозинство. Напротив, тој е само претседавач на седницата, без легитимитет да го попречува трансферот на власта.

Претседавачот е дожен да го олеснува трансферот, а не да го одолговлекува и опструира во недоглед. Нема право да се однесува како „натрапник“ туку е должен да се однесува пристојно како пратеник. Таквото „шверцерско“ однесување не треба да му го дозволи парламентарното мнозинство, бидејќи  лицето е тесно поврзано со настаните од 24 декември 2014 година („Црн понеделник“), детално опишани во Извештајот на Комисијата за испитување на настаните во Собранието од 24.12.2012 (26.08.2013, Скопје).

Парламентарното мнозинство не треба премногу да се потпира врз Деловникот на Собранието и да смета дека само врз неговите одредби може да го оствари преносот на власта. Деловникот е „затворен акт“, особено по измените и дополнувањата од 2010 и 2013 година, направени без согласност на опозицијата. Актот е така срочен што овозможува бескрајни дискусии и реплики. Решението не е ниту во одредбите што овозможуваат промена на редоследот на точките од дневниот ред. И тоа да се случи, дискусиите и репликите пак ќе течат во недоглед, сè до распад на системот. Решението не треба да се бара ни во продолжувањето на работата на Собранието по 18 часот.

Излезот треба да се бара во непосредната примена на уставните одредби со кои се утврдуваат темелните вредности на уставниот поредок, исто како што се постапи и со пратеничките мандати на опозицијата по изборите од 2014 година, кога мандатите беа вратени на граѓаните, а не во Собранието. Излезот треба да се бара и во примерите што се случија во другите земји, со побогата и подолга традиција во борбата против насилството и опструкцијата.

miren premin na vlastaИзвор: novatv.mk

Примери од практиката

Примерите се од подалечно минато. Првиот е поврзан со американската борба против англиската круна, а вториот со Француската револуција од 1789 година.

Американскиот пример е поврзан со одлуките на револуционерниот Конвент на Вирџинија од 1769 година и улогата на Џорџ Вашингтон во донесувањето на неговите одлуки. Конвентот е распуштен од страна на англискиот крал Џорџ Трети, поради одбивањето да се потчини на неправедните англиски закони. По распуштањето, Конвентот премина на другата страна од улицата и продолжи со својата работа во една крчма, на сметка на Џорџ Вашингтон. Оттогаш започнува неговата улога како најзначаен „татко на американската нација“, иако бил  „црпнат“ од Маунт Вернон, во близина на Вилјемзбург. Од мало место е „црпнат“ и лидерот на парламенторното мнозинство кој треба да се избори за мирен трансфер на власта како што Вашингтон се избори за независноста на САД.

Францускиот пример е позначаен од американскиот, кога е во прашање парламентарното мнозинство. Имено, Третиот сталеж на Франција од времето на Француската револуција од 1789 година, како најброен сталеж во Општото  собрание, самиот се прогласи за Уставно собрание на Франција и за претставник на француската нација. Не дозволи да биде блокиран во работата од страна на припадниците на помалубројните сталежи, составени од   припадниците на племството и свештенството. Најде сила да му се спротивстави и на моќниот крал Луј XVI.

Така започна Француската револуција. Прво со донесувањето на Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот (26 август 1789), а потоа и со одлуката Уставното собрание да пристапи кон донесување нов устав  кој  треба до темел да го урне „Стариот режим“ на Франција. За кратко време од тој режим не остана ништо, бидејќи беше познат по злоупотребите на власта и привилегиите на малцинските сталежи. Истиот се струполи под притисок на општата омраза која се чувствува сè до денешен ден, во сите француски устави донесени во последните  две столетија.

Настанот е значаен и од друга гледна точка. Не мал број од племството и свештенството помина на страната на Третиот сталеж. Опатот Сјејес го предложи првиот нацрт на Француската декларација, маркизот Мирабо застана на чело на Уставотворното собрание, а маркизот Лафает, личен пријател на Џорџ Вашингтон, не престана да го вее црвеното знаме и да ја пее Марсељезата сè до Јулската револуција од 1830 година.

Пресврт е потребен и во Македонија

Пресврт треба да се случи и во Македонија од истите причини поради кои се случи и во Франција. Во прашање е опстанокот на земјата, нејзиниот демократски развој и потребата од јасно дистанцирање од оние што ја злоупотребиле власта, што сториле кривични дела или што на друг начин го повредиле јавниот интерес на земјата.

Битно е да се овозможи мирен трансфер на власта. Во функција на тоа, Јавното обвинителство треба да го активира Кривичниот законик против сите оние кои гласно бараат народот насилно да влезе во Собранието и физички да се пресмета со парламентарното мнозинство и со лидерот што треба да ја формира новата влада. Треба да се активираат и кривичните дела против службената должност и кривичните дела против државата во полн капацитет. На тој начин ќе се запре уривањето на уставниот поредок и ќе се попречи безвластието во земјата. Тоа може Јавното обвинителство да го направи веднаш, бидејќи Уставот не ги штити пратениците и другите носители на јавни функции од кривично гонење.

Против т.н. Тиранска платформа треба да се користат правни, а не политички и пропагандни средства. Со правни средства треба да се елиминираат сите нејзини одредби кои отстапуваат од Уставот и од Охридскиот договор. Тоа е можно преку користење на правото на вето од страна на претседателот на Републиката и преку правото на Уставниот суд да ги укинува или поништува сите противуставни закони.

Треба да се дејствува со правни средства и во рамките на уставниот поредок, а не против него. Кога е во прашање спречување на противуставноста на кој било акт, правото е поефикасно средство од политиката и народот на улиците, независно од бројот на протестантите.

проф. д-р Светомир Шкариќ  

Res Publica

Слични содржини