Мицкоски: Од денеска почнувам со посети на терен, да го чујам гласот на народот

од desk2

Македонија тоне, а македонскиот граѓанин едвај врзува крај со крај. Тоа мораме да го промениме. Од денеска ќе бидам на терен, во непосредна комуникација и разговори со граѓаните, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Во периодот кој следува, почнувајќи од денес, огромен дел од моето време ќе го посветам на теренските посети, во непосредна комуникација и разговори со граѓаните. Ќе бидам присутен во секој град, во селата, населбите, улиците, во општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ да го чујам гласот на народот, да разговараме за иднината на државата, затоа што Македонија заслужува и мора подобро. Салонската политика е едно, а вистинската слика лежи меѓу обичниот народ, помеѓу граѓаните – вели Мицкоски.

Според него, Македонија стагнира во сите области, нема проекти, нема нови идеи, нема работа, ниту пак реформи.

-Ништо не се работи, ниту создава. А не се работи затоа што имаме неспособност во секое поле. Неспособност да се зајакне економијата, неспособност да го унапредат земјоделието, да ги реформираат здравството и судството, да обезбедат поквалитетно образование, неспособност да ја придвижат Македонија кон Европската унија – вели лидерот на опозицијата.

Мицкоски потенцира дека на Македонија и треба нов, млад и способен кадар и додава дека ВМРО-ДПМНЕ има кадар и програма која се подготвува од домашни и странски експерти./Meta

Слични содржини