Мицкоски: Целокупната тендерска документација ќе биде ставена на увид на јавноста

од desk2

Раководството на АД „Електрани на Македонија“ целокупната тендерска документација како комерцијална така и техничка ќе ја стави на увид на јавноста, информираше на денешната прес-конференција директорот на ЕЛЕМ Христијан Мицковски.

Владата на синоќешната седница донела одлука на која што му препорачува на Надзорниот одбор на АД „Електрани на Македонија“ да му укаже на Управниот одбор на АД „Електрани на Македонија“ да ја прекине постапката за набавка на механизација за ископ на јаглен и јаловина.

– Истата документација ќе биде ставена на располагање на сите релевантни органи во државата, тие релевантни органи ги повикуваме веднаш да пристапат до ревидирање на истата и доколку констатираат и најмала индиција за некаква неправилност тогаш ние сме спремни да ја понесеме целокупната одговорност. Во спротивно, доколку не се констатираат такви неправилности, тогаш очекуваме најмалку од Владата да се произнесе и да ни се извини, рече Мицковски.

Посочи дека она што е контрадикторно, е што она што е комуницирано на самата седница на Влада т.е. како информација и заклучок и она кое што беше комуницирано во јавноста преку соопштение се различни текстови бидејќи она што било комуницирано како информација на Владата не ги содржи поимите како „злоупотреба“, „фаворизирање на одредени економски оператори“ и сл., туку е истакната потребата врз основа на мислење на Кабинетот на зменик- претседателот на Владата.

-Уште еднаш би ги повикал сите надлежни органи да дојдат на јавен увид. Целокупната тендерска документација ќе биде на располагање и да констатираат дали има основа за какви било пропусти, фаворизирање на економски оператори и нешто слично што беше комуницирано во медиумите. Самиот процес беше воден исклучиво според законите и според техничките потреби на комбинатот РЕК Битола. Имаше фаза кога голем број економски оператори од земји производители коишто се членки на Европската унија, но исто така и производители од САД и од азиските земји учествуваа во процесот на технички дијалог и истите дадоа свои забелешки, рече Мицковски.

Поради новонастанатата ситуација, продолжи тој, ние ќе мораме да ги известиме претставништвата односно амбасадите во Република Македонија на земјите од коишто економските оператори доаѓаат за оваа новонастаната ситуација бидејќи во самиот процес на подготовка на понуда тие имаат направено одредени трошоци па сега понатаму да видиме како тие трошоци ќе бидат надоместени врз основа на кои закони оваа тендерска постапка понатаму треба да биде поништена.

Слични содржини