Можни се предвремени избори во декември за градот Белград

од Vladimir Zorba

– Српскиот претседател и лидер на Српската напредна партија (СНС), Александар Вучиќ изјави дека не е најдобро изборите за Собранието на Белград да се одржат во декември, но нема да се спротивстави на таа одлука.

Запрашан дали е донесена одлука за белградските избори, Вучиќ истакна дека за тоа не размислувал.

– Воопшто не сум размислувал за тоа, вчера доцнев на состанокот на одборот на СНС. Небојша Стефановиќ рече дека тие размислуваат за избори кои треба да се одржат во декември. Јас им реков дека тоа не е баш најдобро, но нема да бидам против, нагласи Вучиќ.

Тој додаде дека на партиските колеги им соопштил оти можат да го стават неговото име на белградските избори доколку им е потребно, но тоа да биде последен пат.

Претходно, српскиот претседател изјави дека неговата партија на избори ќе излезе со листа „СНС – Александар Вучиќ“.

– Им кажав на моите членови – одете и победите. Можете на листата да го ставите моето име. Зошто не би било во ред да го користат моето име? Јас сум претседател на Србија, но и понатаму сум лидер на партијата. Придонесов и се борам со нив Белград и сите нашу градови да изгледаат поубаво, изјави Вучиќ.

Српските медиуми во своите денешни изданија почнаа да лицитираат со датум за изборите – 3, 10 или 17 декември. Редовниот термин за одржување на локалните избори е на пролет следната година.

Опозицијата, која смета дека изборите за градот Белград се единствените во кои таа би можела да победи, беше сосема збунета од ваквата информација. Демократската партија се огласи преку пратеникот Балша Божовиќ кој изјави дека „уште од денеска се отворени за разговор со останатите членови на опозицијата, бидејќи ова е клучен момент за неа да ги остави личните суети и амбиции и да се обедини“.

За разлика од него, лидерот на опозициската Двери, Бошко Обрадовиќ изјави дека бојкот на овие избори е подобар отколку да се излезе на однапред наместени избори. Лидерот на Нова странка, поранешниот премиер Зоран Живковиќ го одби барањето на Двери и смета дека „власта посакува бојкот на изборите“, додавајќи дека тие се отворени за коалиција со сите од опозицијата. Се огласија и од ДЈБ кои најавија самостоен настап за градските избори, но и можност за разговор за коалицирање.

Можноста за предвремени избори во Белград ја потврдува тезата дека извршната власт сака да ги држи граѓаните во постојана вонредна состојба, несигурност и непречена изборна кампања, наместо да го зголеми животниот стандар и квалитетот на живот на граѓаните на Белград, оцени денеска тимот на поранешниот шеф на српската дипломатија Вук Јеремиќ.

– Иако законските барања не се исполнети, Владата ја покажува својата намера да организира предвремени и вонредни, наместо редовни избори во Белград, без никаква правна основа или политичка потреба. Ова сведочи за стравот од паѓање на рејтингот, неспособноста да се најде еден добар кандидат за градоначалник и недостатокот на сериозни резултати во Белград, изјави Јеремиќ.

Слични содржини