Можно е вечерва да се постигне договор за специјалниот јавен обвинител и уште утре измените на Законот за обвинителство да се најдат пред пратениците, пренесе Телма.

klub-na-pratenici-540x405Дел од учесниците во преговарачкиот процес на четирите партии и странските експерти, се оптимисти: веруваат дека разговорите влегуваат во финале и останува да се допрецизира: дали во тимот на обвинителот ќе има заменици или помошници, дали ќе бидат 12, како што бара СДСМ, или 6, како што веројатно ќе се согласат другите, како ќе се обезбеди целосна автономија, стручната служба и друго.

Официјално, партиите се многу претпазливи и велат дека сите опции се разгледуваат, дека е можно да се усогласат и во наредните часови но и дека се може да тргне во лоша насока. Попладнево, факт е дека интензитетот на разговорите е зголемен.

Партиите најавуваат дека вечерва ќе работат до доцна, дека ќе одат на консултации во партиските седишта а потоа повторно ќе се враќаат на заедничката средба. Видливо е дека на преговарачите им се придружија повеќе соговорници кои пристигнуваат со возила со дипломатски таблички, што може да се смета за засилен меѓународен притисок.

Според некои шпекулации, за да го забрза процесот, белгискиот експерт Питер Ван Хауте лично подготвил драфт на законот како основа за постигнување договор, но партиите демантираат, бидејќи повеќето од нив исто така имаат сопствени предлог верзии.

Доколку се договорат вечерва, предлог законот веднаш би се доставил до претседателот на Собранието, кој ќе ја стави точката на дневен ред по скратена постапка уште утре, најдоцна задутре. Претстојниот викенд веќе би можеле да почнат конкретни консултации за кадровски решенија. Според оптимистичката верзија, има време да се запази рокот и од 16 септември новиот специјален обвинител и неговиот тим да почнат да работат на материјалите од аферите Прислушување и Пуч./Телма

Слични содржини