МТВ нема да ги пренесува ЗОИ во Пјонгjaнг!

од desk2

Македонската Телевизија нема да ги пренесува Зимските Олимписки Игри во Пјонгчанг од 9 до 25 февруари, оваа година. Јавниот сервис не ги откупил телевизиските права за територијата на Македонија од Discovery Communications, компанијата којашто ги има ексклузивните права за Олимписките Игри во периодот од 2018 до 2024 на територијата на Европа.

Бидејќи Discovery Communications e сопственик на Eurosport, тоа значи дека преносите и сите содржини од претстојните ЗОИ во Пјонгчанг телевизиските гледачи во Македонија ќе можат да ги следат единствено на овој популарен спортски канал. Дури и да ги обезбедеше делумните ТВ-права врз основа на сублиценцирање, како што тоа го направиле некои државни телевизии низ Европа, МТВ како „локален бродкастер“ немаше да биде ексклузивна во пренесувањето на олимпијадата, туку гледаноста ќе мораше да ја дели со Eurosport.

Проблем повеќе за вљубениците во зимските спортови кај нас е тоа што од 1 јануари, Eurosport и воопшто сите ТВ канали на Discovery, веќе не се во програмските понуди на најголемите кабелски оператори Макс ТВ и Вип Оне. Тоа значи дека олимписките случувања ќе ги гледаат единствено претплатниците на Телекабел и на Тотал ТВ. Ова ќе биде прв случај Јавниот Сервис да не врши преноси од овие големи спортски настани, бидејќи ЛОИ и ЗОИ беа постојано присутни на програмата на некогашната Телевизија Скопје, а подоцна и на Македонската Телевизија уште од нејзините почетоци, во средината на шеесеттите години на минатиот век.

Со ова ќе се наруши полувековна традиција, којашто дополнително ќе ја намали довербата на гледалиштето во МТВ. Во период од само неколку месеци, МТВ загуби повеќе атрактивни спортски содржини: ракометното ЕП во Хрватска (коешто во моментов се емитува на Телма), фудбалското ЕП 2020 и квалификациите за наредните ЕП 2020 и СП 2022 (коишто ќе ги пренесува регионалната Спортклуб), фудбалската Лига на шампионите и УЕФА Европа Лига (за коишто се уште нема официјална потврда на кој ТВ канал или ТВ платформа ќе бидат емитувани), а заврши и со повеќегодишното пренесување на Формула 1.

Во последните 6-7 години јавниот сервис делуваше моќно и беше влијателен во спортските кругови со атрактивната телевизиска понуда и со стилот и со начинот на којшто на гледачите им ги нудеше и им ги презентираше ексклузивните настани и проекти. Спортот и спортската програма му беа најгледан дел од програмата и речиси единствен знак на препознатливост, но последните случувања се најава дека во наредниот период МТВ ќе се сведе на нивото на сите други македонски телевизии, на коишто спорт има многу малку или го нема воопшто.

Единствена добра вест е што МТВ го има обезбедено претстојното СП во фудбал во Русија од 14 јуни до 15 јули и што барем до крајот на сезонава ќе ги следи машкиот и женскиот тим на Вардар во ракометната Лига на шампионите./Спорт1

Слични содржини