Излезот на Велика Британија од Европската унија ќе го влоши и онака минималнотo расположение меѓу земјите-членки да продолжат со преместувањето на бегалци од Грција во другите држави, изјави грчкиот заменик министер за миграциска политика, Јанис Музалас.бегалци

– Пред Брегзит, би рекол дека волјата на ЕУ, особено на некои земји како Германија, Франција и Холандија, беше барем на билатерално ниво, да се преселат најмалку 15.000 до 20.000 бегалци. Но, по Брегзит, не можам да кажам како ќе се одвиваат работите, изјави Музалас во интервју за весникот „Авги“.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, тој, исто така, информира дека Министерството иницирало краткорочен план за затворање на значителен број импровизирани кампови до септември.

– Планот на Владата е овие кампови да се затворат и бегалците и мигрантите рамномерно да бидат распределени низ Грција, во близина на големите градови, во кампови и апартмани со помалку од 1.000 луѓе по регион, со цел да се избегне создавање гета и да започне процес за постепена интеграција, за онолку долго колку што тие ќе останат во земјата, додаде Музалас.

Слични содржини