На 28 мај ќе се одржи традиционалното искачување на Титов Врв

од Vladimir Zorba

Во недела на 28 мај ќе се одржи 36 традиционално искачување на Титов Врв на Шар Планина, во организација на планинарскиот клуб „Љуботен“. Настанот е дел од прославата по повод денот на Европа организирана од Канцеларијата на Европската Унија во Скопје. Годинешното мото на традиционалното искачување гласи „Планинскиот цвет и пластичниот смет не одат заедно, да ја зачуваме животната средина за поздрава иднина“.

– Поаѓањето на планинарската колона е од 6 часот наутро пред платото на хотел Попова Шапка. Кон Титов Врв ќе се оди по Вакуфска Патека и апелираме да се користи оваа патека, каде што ќе оди самата колона. Се случувало, некои планинари да одат по други патеки до Титов Врв, па да има несакани последици. До Титов Врв ќе се пристигна некаде околу 11 часот, еден час имаме пауза на самиот врв, потоа кон Попова Шапка тргнуваме околу 12 часот, а на овој скијачки центар колоната ќе треба да пристигне околу 16 часот – изјави Јован Божиновски претседател на планинарскиот клуб „Љуботен“.

Традиционалното искачување на Титов Врв, кој е втор по големина врв во Македонија, со надморска височина од 2.747 метри е најпосетена планинарска тура во Македонија. Во изминативе 35 година на Титов Врв, преку оваа манифестација се искачиле околу 23 илјади планинари од земјава и странство./МЕТА

Слични содржини