На денешен ден е родена Мајка Тереза

од desk3

388598-majka-tereza-svetica-na-katolichkata-crkva-vo-celiot-svet

1346.- Во битката кај Креси, во северна Франција, најпознатата битка во Англо-француската стогодишна војна (1337-1453), велшките стрелци катастрофлано ги поразија француските тешки оклопници. Според некои извори, Англичаните тогаш првпат употребиле и огнено оружје.

1676.- Роден е англискиот државник Роберт Волпол, прв британски премиер (прв по прогласувањето на Обединетото Кралство). Претседател на владата беше од 1721 до 1742 година, најдолго во историјата на Велика Британија.

1723.- Умре холандскиот природонаучник Антони ван Левенхук, кој иако по струка беше книжевник, се бавешe и со микробиолошки истражувања. Тој го откри дотогаш непознатиот свет на микроорганизмите. Резултатите од истражувањата на крвните садови, структурата на коските, мускулите, еритроците и сперматозоидите како член на Лондонското кралство друштво ги објавуваше во изданијата на друштвото.

1740.- Роден е францускиот пронаоѓач Жозеф Мишел Монголфје, кој заедно со братот Жак Етјен во 1783 година го конструираа првиот воздушен балон наполнет со топол воздух.

1743.- Во Париз е роден Антоан Лоран Лавоазие, француски хемичар, кој се смета за основач на модерната хемија. Прогласувајќи го законот за неуништивоста на материјата како основа на хемиските процеси, тој ја почна примената на егзактните физикални методи за мерење на хемиските истражувања. На пример, докажа дека водата е соединение на водород и кислород (1783), а ги задолжи науката и човештвото и со многу други знајачни откритија. Умре во Париз, на 8 мај 1784 година.

1883.- На островот Кракатау, меѓу Јава и Суматра, во Индонезија, дојде до најкратастрофалната ерупција која е забележана во историјата на човештвото. Повеќе експлозии го потресоа островот, а најголемата однесе во воздух 27 квадратни километри земја. Кога се создаде голема бездна во морето дојде до нови катаклизми и огромни бранови, кои го избришаа остатокот од животот на островот. Се смета дека тогаш загинале повеќе од 36.000 луѓе.

1904.- Во Скопје е роден Томо Владимирски, македонски академски сликар и сценограф. Уметничка школа заврши во Белград. Од 1929 година работеше како сценограф во Македонскиот народен театар во Скопје и во други театри во Македонија. Во сликарството мотиви му се луѓето, историјата и пејзажи на Македонија. Умре во Скопје, на 14 септември 1971 година.

1906.- Роден е американскиот вирусолог Алберт Брус Сејбин, пронаоѓач на вакцината против полиомиелитис (заразна детска парализа). Сејбиновата вакцина е првпат масовно употребена во Советскиот Сојуз. Беше професор на Медицинскиот колеџ на Универзитетот во Синсинати (САД), а потоа и претседател на Вајцмановиот институт во Израел.

1906.- Во Соко Бања умре Стеван Стремац, српски писател, хуморист, раскажувач и сатиричар. Најпознати негови дела се „Ивкова слава“, „Поп Киро и поп Сипро“, и „Зона Замфирова“. Роден е во Сента, на 23 ноември 1855 година.

1910.- Во Скопје е родена Мајка Тереза (вистинското име и е Агнеса Гонџа Бојаџиу), основач на милосрдието. Во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет. Умре во Калкута, Индија, на 5 септември 1997 година.

1910.- Умре американскиот филозоф и психолог Вилијам Џејмс. Дела: „Прагматизам“, „Принципи на психологијата“, „Желба за верување“, „Есеи за радикалниот емпиризам“, „Разликите во религиозното искуство“.

1920.- Ратификуван е 19 амандман од Уставот на САД, со кој жените добија право на глас.

1936.- Постигната е спогодба за окончување на британската окупација на Египет, со исклучок на зоната на Суецкиот Канал.

1942.- Германската армија стигна до Сталинград, каде во најважната битка во Втората светска војна претрпе катастрофален пораз, кој го означи и почетокот на крајот на нацистичката воена машинерија.

1944.- На Кајмакчалан, во борба против бугарската војска, како комесар на баталјон, загина Овадија Естреја – Мара, народен херој на Југославија, од Македонија. Родена е во Битола, во 1921 година.

1944.- Бугарија, сојзуничка на Германија во Втората светска војна, соочена со навлегувањето на советските трупи, соопшти дека излегува од војната.

1945.- Во Битола бегалците од Егејска Македонија излегоа на протестен митинг со барање да престане теророт и прогонот на Македонците спроведуван од страна на грчките власти.

1972.- Отворени се Дваесеттите олимписки игри во Минхен, Германија, кои во историјата, освен по спортските резултати, ќе останат забележани и поради нападот на припадниците на организацијата „Црн септември“ на олимпиското село и поради убиството на 11 израелски спортисти. Во знак на одмазда на 10 септември Израел ги нападна Либан и Сирија, предизвикувајќи голем број жртви меѓу цивилите.

1974.- Умре Чарлс Линберг, американски авијатичар кој прв со моторен авион го прелета Атлантикот на 20 и 21 мај во 1927 година. Тој полета од Њујорк и се спушти во Париз, прелетувајќи 5.836 километри за 33 часа и 32 минути. Роден е во 1902 година.

1978.- Венецијанскиот кардинал Албино Лучани стана папа Јован Павле Први. Умре 33 години подоцна, официјално од срцев удар, но остана сомнежот дека е отруен.

1978.- Јан Зигмунд како прв Германец полета во вселената во советскиот брод „Сојуз 31“.

2001.- Албанските терористи со експлозив го кренаа во воздух и целосно го уништија мотелот „Бриони“, лоциран покрај реката Вардар, во близина на селото Челопек, Тетовско. Притоа, од експлозијата животот го загубија (беа најдени врзани со динамит околу телата) двајцата чувари на објектот – Боге Илиевски и Свете Трајчевски.

2006.- Умре рускиот уметник Владимир Третчиков. Познат е по делата кои беа исклучително популарни во 60-тите и 70-ите години од 20. век. Роден е во Русија, а во 1946 година се пресели во Јужна Африка. Четири години подоцна ја наслика „Кинеска девојка“, позната и како „Зелената дама“, која е продадена во повеќе од половина милион копии. Се смета дека оваа слика е продадена, во печатена верзија, во поголем број од „Мона Лиза“ на Да Винчи или „Сончоглед“ на Винсент ван Гог.

Слични содржини