На денешен ден: На 52-годишна возраст почина Гоце Арнаудов, познат македонски пејач на народна музика

од Vladimir Zorba

goce11

6 декември 2016 година

1421.- Роден е англискиот крал Хенри Шести, последниот монарх од династијата Ланкастер, кој формално стана владетел во 1422 година, во осмиот месец од животот. Соборен е во династичките борби („Војна на двете ружи“) и е убиен во мај 1471 година во лондонскиот затвор „Тауер“.

1492.- Христофер Колумбо го откри островот Хаити.

1507.- Германскиот картограф Мартин Валдземилер ја објави првата географска карта на новиот континент на кој му беше дадено името Америка. За време на изработката на новото издание на Птоломеовиот атлас тој ги прочитал писмата на Америго Веспучи од Новиот свет, во кои италијанскиот морепловец тврдеше дека патот преку Атлантикот не води до Азија, туку до дотогаш непознатиот континент. Валдземилер врз основа на тие описи ја нацрта картата и на неа го ставил зборот – Америка.

1833.- Во Нови Сад е роден Јован Јовановиќ – Змај, српски поет, преведувач, новинар, академик и лекар, еден од најпознатите поети за деца. Негови најпознати дела се “Пејанија”, “Трендафилчиња” и други. Како новинар основа и уредува повеќе весници од кои најзначајни се сатиричниот “Змај” и весникот за деца “Невен”. Умрел во Сремска Каменица, на 3 јуни 1904 година.

1877.- Американскиот пронаоѓач Томас Едисон во Вест Оринд, во Њу Џерси, ја демонстрираше првата тонска снимка.

1917.- Собранието во Хелсинки ја прогласи независноста на Финска, која ја призна советска Русија. Финска по Наполеоновите борби потпадна под руска власт и во 1809 година стана големо војводство во составот на Руското царство. Дотогаш таа беше составен дел на Шведска.

1917.- Во судирот на францускиот брод „Мон Блан“, товарен со експлозив вклучувајќи и 5.000 тони ТНТ, со белгискиот брод „Имо“ во пристаништето на градот Халифакс во Канада, загинаа повеќе од 1.500 луѓе и околу 8.000 беа ранети, а голем дел од градот беше разорен.

1921.- Велика Британија потпиша мировен договор со Ирска, според кој е воспоставена Ирска Слободна Држава (без поголем дел од Алстера – Северна Ирска) како членка на Британскиот комонвелт.

1926.- Умре Клод Моне, француски сликар, еден од основачите на импресионизмот. Според неговата слика “Импресија, зајдисонце”, изложена во 1874 година, во Париз, дадено е името на целиот сликарски правец.

1927.- Во Ќустендил умре Ефрем Цветков Каранов, собирач на македонски народни умотворби. Тој, заедно со Ѓорѓи Пулевски, П. Гиновски, Ѓ. Абаџиев, В. Икономов, Д. Матов, Е. Спространов и други, се појави како значаен популаризатор на македонското народно поетско творештво. Каранов е основач и претседател на Македонското емигрантско друштво во Ќустендил, прво од таков вид во Бугарија. Роден е во Кратово, на 25 јануари 1852 година.

1929.- Во Република Турција, жените беа изедначени со мажите во поглед на правото на глас.

1941.- Почна контраофанзивата на силите на Црвената армија против германските сили на фронтот пред Москва. На фронтот, широк 300 километри, беа пробиени германските линии. Нацистичките дивизии беа прегазени или опколени, а подоцна разбиени.

1942.- Кај селото Папрадиште, Велешко, загина младата партизанка Невена Георгиева – Дуња, која беше смртно погодена од фашистички рафал. Родена е во Скопје, на 25 јули 1925 година.

1968.- Во Велес се одржаа првите „Детски Рацинови средби“, манифестација во чест на ликот и делото на македонскиот поет Кочо Рацин, а покрај тоа, има за цел да го афирмира детското литературно и ликовно творештво.

1978.- Шпанците на референдум го усвоија новиот устав, според кој Шпанија е дефинирана како уставна монархија со парламентарна демократија.

1994.- Во Битола умре Методија Марковски, актер на Битолскиот народен театар. Роден е во 1944 година.

1994.- Во Будимпешта, Унгарија, на Конференцијата за европска безбедност и соработка (КЕБС), го промени името во Организација за европска безбедност и соработка.

2006.- Долниот дом на австралиското собрание го усвои законот со кој се одобрува клонирање на луѓе за терапевтски цели, кој горниот дом (сенатот) веќе одамна го усвои. Новиот закон дозволува производство на човечки ембриони со клонирање, заради земање на матични клетки. Таа техника наводно го отвора патот за лечење дијабетес, карцином и Алхајмерова болест.

2011.- На 52-годишна возраст почина Гоце Арнаудов, познат македонски пејач на народна музика. Во 1994 година на Фолк фест – Валандово ги освои сите награди со песната „Дали чекаш стара мајчице“. Пет години беше прогласуван за најпопуларна личност на Македонија, а учествата на Фолк-фест Валандово му донесоа 22 награди. Неколку пати ја доби наградата за интерпретација на најголемиот пејач „Никола Бадев“ на фестивалот „Гоце Фест“. Редовно учествуваше на турнеи во Европа, Америка и Австралија. Ќе остане запаметен по песните „Ех да беше стрела песната”, “Дали чекаш стара мајчице”, “Ќе пијам ќе лумпувам”, “Свири мајсторе”, “Полни бре меанџијо”… Арнаудов е роден во Струмица на 19 август 1959 година.

Слични содржини