На денешен ден во воената 2001 започна операцијата на НАТО „Неопходна жетва“ за собирање на оружје од ОНА

од desk3

cf1d3bfa0bca11f375536e37faf1aef4

55 п.н.е.- Римскиот конзул Гај Јулиј Цезар ја започна инвазијата на Британскиот остров со 10.000 војници на Седмата и Десеттата легија.

1576.- Од епидемијата на чума што ја зафати Венеција умре Тицијан Вечели, прочуен италијански сликар, основач на Венецијанската сликарска школа. Автор е на голем број слики кои претежно ги прикажуваат животот и обичаите на Венецијанската Република. Роден е меѓу 1487 и 1490 година.

1635.- Во Мадрид умре Лопе де Вега, голем шпански книжевник, поет и писател на многу драмски дела. Напиша 1.800 комедии, скечови и неколку илјади стихови. Негово ремек-дело е романот во дијалози „Доротеја“. Роден е во Мадрид, на 25 ноември 1562 година.

1664.- Умре шпанскиот сликар Франциско де Сурбаран, еден од најзначајните уметници во 17. век.

1770.- Во Штудгарт е роден Георг Вилхелм Фридрих Хегел, најистакнатиот претставник на германската идеалистичка филозофија. Со своите сфаќања на дијалектиката тој изврши позитивно влијание врз напредната европска и светска мисла. Посебно е значајно неговото влијание врз класиците на марксизмот, кои неговата филозофска мисла ја сметаа за една од основите на дијалектичкиот материјализам. Негови најпознати дела се „Филозофија на природата“, „Филозофија на духот“, „Логика“, „Естетика“ и други. Умре во Берлин, на 14 ноември 1831 година.

1789.- Собранието на Франција ја усвои Декларацијата за правата на човекот и граѓаните, инспирирана од слична американска декларација.

1813.- Францускиот цар Наполеон Први со 130.000 војници кај Дрезден ги порази здружените австриски, руски и пруски сили кои броеја 200.000 луѓе.

1871.- Во Терехат, Индијана, во САД, е роден Теодор Драјзер, американски романсиер и раскажувач. Првиот роман „Сестрата Кери“, според мислењето на некои критичари, е неговото најдобро дело, кое цензурата го забрани. Се до објавувањето на романот „Џени Герхарт“ десет години пишуваше за илустрирани забавни модерни списанија. Потоа ги напиша познатите романи „Финансиер“, „Титан“, „Стоик“ и „Американската трагедија“. Умре во 1945 година.

1884.- Роден е американскиот филмски продуцент Семјуел Голдвин, еден од пионерите на филмската индустрија. Во 1923 година ја основа филмската компанија „Семјуел Голдвин Продакшн“, која во 1924 година се здужи со уште две филмски компании – „Метро-Голдвин-Мајер“, но потоа повторно стана самостоен продуцент. Филмови: „Стела Далас“, „Темниот анѓел“, „Ќор-сокак“, „Мали лисици“, „Најубавите години на нашиот живот“, „Тајниот живот на Волтер Мит“, „Момчиња и девојки“.

1890.- Роден е американскиот сликар, фотограф и филмски режизер Емануел Радински, познат како Мен Реј, кој во 1915 година со францускиот вајар и сликар Марсел Дишанон го основаа дадаизмот.

1908.- Роден е американскиот државник Линдон Џонсон. Беше потпретседател од 1960 во време на мандатот на Џон Кенеди. По убиството на Кенеди во Далас во 1963 година, до 1969 година беше претседател на САД.

1916.- Во Белград умре Петар Кочиќ, еден од најистакнатите писатели на српскиот реализам. Пишуваше песни, проза и сатира. Расказите му се одликуваат со силно чувство за животот на подјармениот босански селанец. Во сатирите остро ги критикува приликите во босанското село под австриска окупација. Негови најзначајни дела се „Јазовецот пред суд“, „Суданија“ и други. Роден е во селото Стричиќи, кај Бања Лука, на 29 јуни 1877 година.

1945.- По објавувањето на јапонската капитулација американските трупи почнаа да се истоваруваат на територијата на поразената Јапонија. Првите единици се истоварија на аеродромот Ачуга, а потоа флотата од 383 воени бродови во придружба на 1.300 авиони впловија во Токискиот Залив. Тоа беше првпат Јапонија да капитулира.

1987.- Во една вила во Њупорт, во близина на местото на снимањето на последнот филм „Мистер Норт“, умре Џон Хјустон, голем американски филмски режисер. Автор е на филмовите „Малтешкиот сокол“ и „Богатството на Сиера Мадре“ и на многу други филмови кои му донесоа светска слава. Роден во Мисури, во 1906 година.

1995.- Во Тетово умре Кочо Тулевски, истакнат македонски општествено-политички работник. Роден е во 1921 година.

2000.- Изгоре Останкино, најголемиот објект во Европа, симбол на руската престолнина изграден со човечки раце. Зданието, високо над 500 метри, беше изградено во 1967 година според плановите на архитектот Николај Никитин. Пожарот во кој загинаа три лица предизвика прекин на телевисиската програма ширум Русија.

2001.- Во Република Македонија почна операцијата на НАТО „Неопходна жетва“ за собирање на оружје од албанските терористи.

2002.- Јапонскиот суд за првпат потврди дека Јапонија користела средства за водење биолошка војна во Кина во текот на Втората светска војна, за што јапонската влада никогаш официјално не призна.

2003.- Марс помина покрај Земјата на оддалеченост од 55,76 милиони километри, најблиску од каменото време.

Слични содржини