Најмалку 141 загинати при земјотрес во реонот на ирачко-иранската граница

од Vladimir Zorba

  Најмалку 141 лица загинаа, а околу 1000 се повредени при силен земјотрес од над седум степени според Рихтеровата скала, што синоќа го погоди реонот во северниот дел на ирачко-иранската граница.

Според иранските медиуми, во провинцијата Керманшах во западниот дел на Иран при земјотресот загинале најмалку 141 лице, а околу 1000 се повредени. Претходно се јавуваше за 60,до 80 лица и 300 поврдени.

Вицегувернерот на Керманшах, Моџтаба Никердар изјави дека точниот број на жртвите нема да биде познат во следните неколку часа

Потресот предизвикал штети во најмалку осум населени места во Керманшах, меѓу кои и градовите Каср е Ширин и Азгалех, а дошло и до прекин на електричната енергија во неколку погранични реони.

Во исто време, Министерството за здравство на Ирачки Курдистан соопшти дека во овој автономен регион во северан Ирак загинале четири лица, а околу 50 се повредени. Од земјотресот најмногу оштетувања има во градот Дарбандихан, на 75 километри источно од Сулејманија, каде се регистрирани околу 30 повредени лица.

Ирачките медиуми, јавија дека поради потресот голем број жители на северните и источните реони на Ирак во паника ги напуштале своите домови.

Според Американскиот геофизички институт, како што јави МИА, земјотресот бил со интензитет од 7,3 степени според Рихтеровата скала, со епицентар југозападно од Халабџа на 103 километри југоисточно од ирачкиот градот Сулејманија.

Европскиот медитерански сеизмолошки центар пак соопшти дека потресот бил со јачина од 7,4 степени според Рихтер, на длабочина од 10 километри под површината на земјата и со епицентар на 32 километри северно од иранскиот град Сарпол и Захаб.

Според ирачката метеоролошка служба, меѓутоа, земјотресот бил со интензитет од 6,5 степени според Рихтеровата скала и бил почувствуван во поголем дел од Ирак, вклучително и во главниот град Багдад.

Земјотресот бил почувствуван и во југоисточната турска провинција Дијарбекир, како и во неколку други држави на Блискиот Исток, вклучително и во Кувајт и Израел.

Слични содржини