Наставничка во кумановско училиште од 2003 година предавала со фалсификувана диплома од Бугарија

од desk4

Во 2003 година во општинското основно училиште „Кирил и Методиј“ во кумановското село Романовце била вработена С.Џ.Е. на определено време и од тогаш почнува нејзиното изигрување на законот. Според полицијата, која поднесе кривична пријава против наставничката од Куманово, С.Џ.Е. ја извршувала наставничката дејност со фалсификувана диплома.

Истрагата на Секторото за внатрешни работи во Куманово, покажала дека во текот на 1999 година, пријавената набавила фалсификувана исправа– Диплома од Софискиот универзитет „Климент Охридски“ Софија, Р.Бугарија при што се стекнала со квалификација на VII степен, специјалност Педагогија.

Во 2000 година С.Џ.Е. ја приложила дипломата како вистинска на Универизитетот „Св. Климент Охридски“ – Филозофски факултет во Скопје, за нострификација, за што добила и Решение за нострификација.

По ова, во 2003 година, наставничката, како вистински ги приложила фалсификуваната диплома и добиеното решение за нострификација во Општинско основно училиште Кирил и Методиј во с.Романовце, Куманово, каде од 06.10.2003 година па до 2009 година и биле изготвувани Договори за работа со заснован работен однос на определено работно време. Во октомври 2009 година добила договор и Одлука за трансформација на работен однос од определено на неопределено работно време.

„Со наведените дејствија пријавената се стекнала со противправна имотна корист во износ од платите што и биле исплатени од Буџетот на Р.М. за наведениот временски период“, велат од полицијата.

Против наставничката е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „фалсификување исправа“ и продолжено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“.

Слични содржини