Наставниците сами решаваат дали ќе ги оправдаат отсуствата поради земјотресите

од Vladimir Zorba

ucenici-1

Според информациите на „Мета“ од терен, и денеска во некои од одделенијата во училиштата во повеќе скопски општини на настава не се присутни сите ученици.

Дали отсуството на учениците поради земјотресите ќе биде оправдано или неоправдано, ќе зависи од индивидуалната одлука на секој класен наставник, бидејќи Министерството за образование нема официјален став во однос на отсуствата на учениците поради земјотресот.

И покрај тоа што неколкупати се обидовме да добиеме одговор од Министерство за образование за тоа како ќе се третира отсуството на учениците, оттаму не ни одговорија.

Според извори на „Мета“ од едно од основните училишта во општината Карпош, на учениците кои се отсутни ќе им биде побарано оправдание со кое ќе треба да го оправдат своето отсуство, бидејќи нема прогласено вонредна состојба. Но, повторно, како што велат, сè ќе зависи од класниот раководител.

Директорот на училиштето „11 Октомври“, Васко Лазаревски, пак, вели дека отсуствата на учениците поради земјотресите ќе бидат оправдани.

– Изостаноците ќе бидат оправдани бидејќи станува збор за природна појава што не може да се предвиди. Не може на ученикот да му се заведе неоправдано отсуство ако тој се чувствува дека неговата безбедност е загрозена – ни изјави Лазаревски.

Официјалниот став на Министерството за образование е дека училиштата нема да бидат затворени, а понатамошните постапки им зависат од насоките и од инструкции од Управувачкиот комитет за справување со кризи, како централно тело за справување со кризи./Мета

Слични содржини