Неделава расплет за над 35.000 амандмани на законот за јазиците

од Vladimir Zorba

  Собранието го очекува повторно неизвесна недела имајќи ги предвид неофицијалните најави дека кон средината на неделата би можело повторно да биде закажана 32. седница на која на дневен ред се над 35.000 амандмани на опозицијата за Законот за употреба на јазиците. 

Официјално на веб-страницата на Собранието закажани се седници само за денеска, а поради активностите поврзани со одбележувањето на 75. години од депортацијата, редовната неделна средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи ќе се одржи најверојатно утре.

Тогаш би требало да биде појасно дали и кога ќе се одржи пленарната седница за амандманите на законот со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик, чие продолжение првично требаше да се одржи минатиот вторник. Обидот пропадна поради тоа што не беше постигнат договор меѓу пратениците од владејачкото мнозинство СДСМ и ДУИ за тоа дали да се разгледуваат амандманите, како да се одвива тоа или едноставно да се гласа само за законот.

По овој обид Џафери им даде една недела на политичките партии, како што кажа, да се договорат како ќе постапат за да се излезе од оваа ситуација која би можела неколку месеци да ја блокира работата на Парламентот.

Официјални информации дали и што се договориле коалициските партнери СДСМ и ДУИ засега нема.

ДУИ не отстапува од тоа дека законот треба да биде донесен онака како што беше изгласан пред да биде вратен во Собранието на трето читање од страна на претседателот Ѓорге Иванов. Тие не сакаат амандманска интервенција во законот.

Пратениците од СДСМ тврдат дека повторно ќе гласаат за законот, но посочуваа дека за амандманите треба да се постапи согласно Деловникот на Собранието. Пратеничката група повика на дијалог.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која ги поднесе амандманите, останува на својот став дека нема да ги повлече, дека законот е неуставен, а вчера лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски уште еднаш побара од премиерот и лидер на владејачката СДСМ Зоран Заев да го повлече законот од Собранието, а во замена да ја добие нивната поддршка за реформските закони. СДСМ врати дека „блокирајќи го Законот што тие го прифатија во надеж дека ќе формираат Влада, впрочем ги блокираат реформите со што го кочат развојот на Македонија“.

Претседателот на Собранието Џафери при неодамнешната посета на Тетово не кажа кои ќе бидат неговите наредни чекори во врска со донесувањето на Законот за употреба на јазиците туку само посочи дека се ќе биде во согласност со Уставот и собранискиот Деловник.

– Во врска со ова прашање, претседателот на Собранието нема планови А, Б, Ц, Д… Претседателот на Собранието пред себе има Устав и Деловник за работа на Собранието. И тоа значи дека таму е регулирано се, рече Џафери додавајќи дека договорите се работа на политичките партии.

Слични содржини