Почетна / Актуелно / Некогаш проевропски ориентираниот Ердоган и врти грб на ЕУ

Некогаш проевропски ориентираниот Ердоган и врти грб на ЕУ

 

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган со текот на годините се тргна настрана од Европската унија. Ердоган, најзначајниот лидер на Турција по Ататурк, исцрта свој сопствен курс со вредности сосема различни од оние на Унијата

 

 

Во октомври 2004, тогашниот германски канцелар Герхард Шредер во Берлин ги призна заслугите на еден важен гостин кој токму тогаш беше прогласен за „Европеец на годината“: Реџеп Тајип Ердоган.

– Вашиот ангажман за поголема слобода, поголема заштита на човековите права и помалу мешање на државата, за вас не е отстапка кон Европа, туку производ на вашите политички убедувања, му рече Шредер на Ердоган, тогашниот премиер на Турција.

Ниту еден политички лидер во ЕУ веројатно нема денес да ги повтори овие зборови.

Шеесет и тригодишниот Ердоган остави свој печат на турската република како никој друг политичар по нејзиниот основач Мустафа Кемал Ататурк. Во својата долга политичка кариера тој од секоја криза излегуваше посилен.

Почетокот на животот не му бил наклонет. Како син во семејство од црноморското крајбрежје, Ердоган расте во скромни услови во Касимпаша, кварт на работничката класа во Истанбул.

Неговото раното дество е екранизирано во новиот филм „Водач“. Иако како што се тврди, претседателството не извршило влијание врз неговото создавање, доста сенименталната слика прикажана во филмот е слична на таа која ја шират неговите поддржувачи.

Ердоган е опишан како праведлив и побожен човек, кој прави лични жртви во името на тоа да им помага на оние кон кои судбината не била благонаклона, прво во Касимпаша, а потоа и во целиот мегаполис откако станува градоначелник во 1994 година.

Филмот завршува со апсењето на Ердоган во 1999 година, по жестокиот говор во кој тој цитира поема со следниот стих: „Минарињата се нашите копја“. Секој Турчин знае како неговата политичка кариера се вивна нагоре по тоа.

Во 2002 година, Ердоган на власт ја донесува конзервативната происламска Партија на правдата и развојот (АКП), чиј основач е тој, а во 2003 стана премиер и остана на таа позиција до 2014 година.

На првите директни избори за претседател, Ердоган си обезбеди апсолутно мнозинство во првиот круг, и тргна по патот на остварување на својата најголема цел: да ја претвори Турција од парламентарна во претседателска република. Електоратот ја потврди таа одлука на референдумот на 16 април.

По неуспешниот државен преврат во јули минатата година, Ердоган изврши енергичен притисок за тој проект. Кампањата беше доказ за претходно донесената стратегија за фокусирање кон определен непријател – во случајов Европската унија.

Тој ја обвини Унијата дека има за цел да го запре влезот на Турција, предводена од Ердоган, и ги мобилизираше сите можни сили за да се спротивстави на тоа. Претходно добрите односи со земји како Германија и Холандија ги стави под закана, откако двете земји се спротивставија пред тирадите во кои беа споредувани со нацистите.

Ердоган сигурно може да ги посочи неговите успеси за време на повеќе од една деценија управување како премиер. Турција доживеа брз економски раст за време на неговото управување и токму Ердоган ја поведе Турција по патот кон Европа. Смртната казна беше укината во 2004 година, малку откако тој дојде на должност, а во 2005 беа започнати преговори за приклучување кон ЕУ.

Кога голем дел од Блискиот Исток западна во хаос, Ердоган демонстрираше дека Исламот и демократијата не треба да бидат во меѓусебен конфликт. И самиот Ердоган иницираше мировен процес со забранетата Курдска работничка партија (ПКК). Тој мировен процес пропадна во средината на 2015 година и од дпогаш насилствата ескалираа.

Истата година, АКП на Ердоган го загуби апсолутното мнозинство во Парламентот, првпат откако дојде на власт, што го натера да распише предвремени избори, кои и го вратија мнозинството на партијата. Во справувањето со неуспешниот државен удар неколку месеци подоцна Ердоган воведе вонредна состојба. Следеа десетици илјади апсења, вклучително и на новинари критичари на власта. Околу 100,000 државни службеници ја загубија работата.

Противниците на Ердоган стравуваат дека по референдумот се отвора патот кон диктаорско владеање во Турција. Колку повеќе лидерите на ЕУ го критикуваат стилот на Ердоган како авторитарен, толку повеќе тој се оддалечува од Унијата, обвинувајќи го дека користи тактика на внесување во ќорскокак на преговорите на членство.

Ердоган неодамна ја обвини ЕУ дека е „крстоносна алијанса“ која не сака да ја прифати сериозно кандидатурата на доминнатно муслиманска земја. Во директно отфрлање на вредностите на ЕУ тој ја изложи перспективата за враќањето на смртната казна – нешто што веднаш ќе стави крај на перспективата за членство на земјата во ЕУ.

Освен тоа, пред уставниот референдум тој најави дека во случај на позитивен исход на него, би можело да има уште еден плебисцит за прекин на преговорите за членство во ЕУ.

Кога стапи на должноста претседател во 2014, Ердоган вети една „нова Турција“ испраќајки помирувачки сигнали кон своите опоненти. – Да ги оставиме зад нас старите конфликти на стара Турција, рече тогаш тој.

Денес политичката поделеност во земјата изгледа подлабоко од кога било и тоа до голема мерка важи и за односите со ЕУ. Тој оптимизам сега изгледа не важи.

ДПА – Хамбург