Нелоски: Владата ги укина дисперзираните студии без анализа и без јавна дебата

од desk2

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека Владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз ги укинува дисперзираните студии на дел од високо образовните установи, без притоа да направи анализа на досегашните резултати и без јавна дебата за носење на оваа одлука.

„Единствената причина поради која е направен ваквиот чекор е тоа што дисперзираните студии се идеја, односно мерка воведена од страна на Владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ со цел обезбедување на што поголема достапност на високото образование за сите граѓани. Достапноста на образованието се овозможи со неколку крупни чекори, како петкратното намалување на партиципациите, отворањето на трите нови државни универзитети и 32 факултети и конечно, отворањето на дисперзираните студии кои се покажаа како извонредна можност која секоја година ја искористуваа околу 15% од вкупниот број на граѓани што го продолжуваа образованието на високо образовна установа. Во реална бројка, тоа се годишно од 2.000 до 2.500 студенти кои наместо да патуваат секојдневно или да се преселат во друг град поради уписот на факултет, одлучуваа да студираат во своето родно место, односно место на живеење или во неговата непосредна околина“, рече Владимир Нелоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него тоа им овозможувало да заштедат по основ на патување, сместување и исхрана, но и да заштедат средства по однос на уписнина.

„СДСМ укинува една благородна мерка која во изминатите 9 години ја искористија околу 20.000 граѓани. Укинува мерка која придонесува и за економско социјален, но и демографски развој на сите останати региони во земјата“, додаде тој.

Слични содржини