Нема замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ

од Vladimir Zorba

Имотот на ВМРО-ДПМНЕ нема да се замрзне. Кривичниот суд ги одби сите 12 барања на Специјалното јавно обвинителство за привремено замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ за кој СЈО има сомнеж дека е стекнат со незаконски пари, информира ТВ24.

Во решението се наведува дека и судијата на претходна постапка и Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 изразиле несогласност за барањата на СЈО за привремената мерка.

„Постапувајќи по несогласноста на судиите на претходна постапка, во врска со барањата за привремено одземање на имот поднесени од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, донесоа решенија со кои се уважува несогласноста на судијата на претходна постапка при што од страна на судот не е определена предложената привремена мерка Забрана на оттуѓување на недвижен имот со ставање на хипотека“.

Од СЈО за телевизија 24 велат дека немаат право на жалба. Во случајот „ Талир“, првоосомничен е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и уште десет високи партиски функционери кои се сомничат за незаконско финансирање на партијата , перење пари и злоупотреба на службена положба и овластување. Се вршеле готовински уплати на партиската сметка, а се прикажувале како лични, се злоупотребувале лични податоци на партиски членови, при што на сметката од 2009 до 2015 незаконски легнале 5 милиони евра. Парите се прикажувале како донации и се трошеле за купување недвижен имот, подмируивање партиските трошоци, хотели, ресторани..Партијата се финансирала и преку договор за коинвеститорство во што била вмешана градежната компанијата Бетон, која го градеше партиското седиште, и која според истрагата на СЈО по склучувањето на договорот, донирала над два милони евра во касата на партијата, донација која партијата по закон не смеела да ја прифати оти фирмата извршувала јавни работи.

Ден по објавата на случаjот на СЈО, Државниот завод за ревизија објави извештај за финансиското работењето на ВМРО-ДПМНЕ во 2015 година, во кој многу повеќе се цитираат закони, како треба политичките партии да го регулираат начинот на финансирање на партијата, а воопшто не обелоденува детали за евентуални незаконитости.Во 2015 година ВМРО-ДПМНЕ имала приходи од 2, 4 милиони евра од камати, донации, подароци, а дел од парите се пренесени од претходната година, и расходи од 2,3 милиони евра./извор ТВ24

Слични содржини