Реална пресметка и исплата на прекувремените работни часови на полициските службеници, кои изминативе триесетина дена беа ангажирани околу случувањата во државата, побара денеска од надлежните во Министерството за внатрешни работи (МВР) претседателот на Независниот полициски синдикат, Гоце Делчев – Тодев.

goce-delchev-todev

– Не може за вработените во МВР кои направиле повеќе од 200 работни часа од предвидениот фонд на работни часови во овој период, поедници да одлучуваат и таа бројка на часови на крајот на месецот да биде 16 или 32. Независниот синдикат веќе подготви списоци за оние кои беа ангажирани во мај и бројот на работните часови е многу поголем од тој што го предвидува законот за работни односи. Бараме тие да бидат наградени со една просечна плата во најмала рака – рече Делчев – Тодев на денешната прес-конференција пред влезот на МВР.

Тој истакна и дека досегашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во својот мандат нанела големи штети во Министерството и дека внела страв кај вработените кои не можат слободно да зборуваат за проблемите со кои се сочуваат.

Претседателот на независниот полициски синдикат побара и отштетата, што Владата најави дека ќе им биде исплатена на семејствата на осумте загинати припадници на специјалните полициски единици при акцијата во Куманово, наместо по 70.000 евра, да изнесува еден милион евра.

Министерството за внатрешни работи не го признава Независниот полициски синдикат за репрезентативен синдикат на вработените во МВР.

 

Извор: МЕТА

Слични содржини