Николовски: Наскоро целосно ќе бидат исплатени субвенциите за 2016 година

од desk2

До крајот на месецов или на почетокот на наредниот месец целосно ќе бидат исплатени субвенциите за земјоделците за 2016 година, најави денеска ресорниот министер Љупчо Николовски.

– Во изминатите два месеца го одблокиравме процесот и кон земјоделците исплативме околу 60 милиони евра субвенции преку Програмата за директна финансиска поддршка. Вчера на сметките на земјоделците се исплатени дополнителни 5,7 милиони евра по однос на повеќе мерки и култури на целата територија на државата, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Николовски на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање.

Тој нагласи дека сите решенија по однос на програмата за 2016 година се во постапка.

– Останатиот дел од околу 10 милиони евра од програмата за 2016 година што се во постапка целосно ќе бидат исплатени во текот на месецов или на почетокот на септември. Со новиот директор на Платежната агенција сме во постојан контакт за да ги решаваме и заостанатите проблеми од 2012, 2013, 2014 и 2015 година каде има соодветен застој или, пак, судски решенија и други постапки, потенцира Николовски.

Слични содржини