Ништо од измена на законите за СЈО и по посетата на Хан

од Vladimir Zorba

Граѓанските организации, се чини, се последните што инсистираат на спроведување на принципот на одговорност и непречена работа на СЈО, преку усвојување на „законите за СЈО“ и преку формирање специјално судско одделние. Ова произлегува по денешните разговори на Хан во Скопје, по кои, јавноста не виде доказ дека тој или партиите инсистирале на усвојување на измена на законите за СЈО до крајот на мандатот на Собранието

fireshot-capture-73-nova-tv-i-han-po-sredbite_-im-porachav-_-http___novatv-mk_han-po-sredbite-e

 

До крајот на овој мандат на Собранието на РМ со голема доза на веројатност може да се предвиди дека нема да има изгласување на измена на законите поврзани со работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Ова станува сè појасно по денешните изјави на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, по неговите разговори во Скопје со лидерите на политичките партии, но и по изјавите од некои од учесниците во разговорите.

По разговорите во подолга изјава за новинарите Хан го рече и следново:

Има различни идеи и предлози за законите за СЈО и за заштитени сведоци кои зависат од интересот. Значајно е да се гарантира дека дека СЈО може да работи независно, непристрасно, но од друга страна и да го применува професионализмот. Сметам дека е значајно таа да ги искористи сите можности кои ги има и да се види крајниот резултат, а не да се злоупотребува начинот на кој таа работи.

Оваа изјава на Хан остава простор за толкување дека тој можеби и ги уважува кртиките за работата на СЈО што доаѓаат од неколку страни, но сите директно инспирирани од владејачката елита од ВМРО-ДПМНЕ, која што од крајот на декември 2015 година, не престанува со постојани забелешки за работата на обвинителката Катица Јанева и на нејзиниот тим. За еден таков пример јавноста можеше да посведочи и претпладнето, по средбата на Хан со невладините организации.

.

МАН ГО ОЦЕНУВА СЈО!?

Додека голем дел од граѓанските организации го искажале ставот дека е потребно и посебно судско одделение за да може да се ефектуира работата на СЈО, Ивона Талевска, претставувајќи ја Македонската асоцијација на новинари (МАН), на Хан му рекла да ја предупреди ЕУ да внимава, бидејќи СЈО работел под политички диктат на СДСМ.

По ова, Хан имаше средби со лидерите на политчките партии, при што конкретна поддршка за законите за СЈО доби одМендух Тачи, лидерот на ДПА, но, директно спротивставување добил од Али Ахмети, лидерот на ДУИ.

Според Ахмети, како што пренесоа повеќе медиуми, до смена на законите за СЈО не може да дојде, бидејќи немало време и за такво нешто требало да се правата нови (политички-н.з.) договори:

Имавме многу добра средба со Хан и заеднички став е дека веќе постигнатиот договор треба да се почитува од сите. Тоа е клучно за да се одржат фер и демократски избори – изјави Ахмети.

Ставот на Ахмети, всушност, е многу сличен со ставот на ВМРО ДПМНЕ, кои по отфрлањето на првиот предлог-закон поднесен од СДСМ минатата недела соопштија дека „сè што е договорено е исполнето и немаат намера да влегуваат во нови договори“.

 

ВРЕМЕ ИМА, ВОЛЈА НЕМА

Ако се погледнат внимателно соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ по разговорите со Хан, ќе се забележи дека ниту во нив не се апострофира посебно темата за законите чии измени ги побара СЈО – оној за продолжување на времетраењето на рокот за подигнување обвинителен акт, како и за измена во Законот за заштита на сведоци.

Од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ може да се издвои уште едно ветување:

Груевски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ принципиелно се придржува и го дава својот придонес во исполнување на политичкиот договор постигнат меѓу партиите.

СДСМ, пак, веќе се гледа во улога на мандатар за новата Влада:

Претставниците на СДСМ во техничката Влада се фокусирани кон заштита на граѓаните и институциите од злоупотреби и на одржување регуларни избори на 11 декември на коишто ќе биде избрана легитимна Влада. Истовремено, Социјалдемократскиот сојуз активно разговара на теренот со граѓаните за мерките што ќе ги преземе новата Влада за подобрување на животот на граѓаните и отворање на перспективите на државата,рече претседателот Заев.

Имајќи ги предвид сите овие елементи, може да се каже дека очекувањата Хан да ги притисне лидерите за усвојување на измена на законите поврзани со работата на СЈО до крајот на мандатот на овој Собраниска состав беа претерано оптимистички. Дека има време, нема волја, а потребен е притисок од Хан, изјави и лидерот на ДС Павле Трајанов, откако на 13.10 2016, Собраниското мнозинство не се ни согласи да го стават и неговиот предлог за измена на законот за СЈО на дневен ред:

Ако има политичка волја, измените на законите можат повторно да се стават на дневен ред, а за тоа постои деловничка можност. Доволно е да се смени една запирка во текстот на измените и Собранието може да ги разгледува и во скратена и во редовна постапка. Но, повторувам, сè зависи од политичката волја – вели Трајанов.

Станува сè појасно дека за потребната законска поддршка за поуспешна рабоота на СЈО нема политичка волја, пред сè, кај владејачките партии, но и дека опозицијата нешто посебно не инсистира на тој услов,(тоа може да се процени и по денешното соопштение), и се задоволува со опцијата дека тие ќе го сменеле законот кога ќе ја освојат власта. А што ако резултатите од изборите бидат во полза на ВМРО ДПМНЕ?

После сите опструкции од страна на оваа партија кон многу точки од Договорорт од Пржино, па Пржино 2, па и од последниот Договор од јули, јавноста нема многу аргументи да поверува дека работата на Специјалното јавно обвинителство ќе биде поддржана во 2017 година и оваа институција ќе биде оставена да си ја заврши својата работа, макар и со постоечките законси решенија.

Оттука, зборовите на Хан дека добил уверување оти работата на СЈО ќе се одвиваат непречено, делуваат неубедително после сите досегашни искуства.

А Специјалното јавно обвинителство, според оценка на сите експерти и од Македонија и од надвор, е еден од двата елемента врз кои почива Договорот од Пржино. Работата на СЈО треба(ше) да биде гаранција за правна разрешница на политичката криза. Судејќи според денешните искуства, се чини дека само уште граѓанските организации и граѓаните останаа да веруваат во важноста на принципот на одговорноста и на неселективната правда.

Пишува: Теофил Блажевски/   Vistinomer

Слични содржини