Теута Арифи ги демаскира и Ахмети  и Груевски и мајскиот договор- Ништо од преговорите.

Повеќе од јасно е дека првиот вистински глас следбениците на  Никола Груевски јавно ќе го слушнат по денешниот состанок на централното претседателство во Мала Речица во Тетово. Излегува дека спасот на Груевски не е во неговите патриотски гласови, туку  на оние од централното претседателство и членството на ДУИ.

Да,  ВМРО ДПМНЕ се крсти токму на Албанците, тие  да го спасуваат.Тоа е реалноста која којзнае колку е приремчива за еден вмровец ама пак веројатно токму поради тоа му се продава приказната за „Мајскиот договор“ или тезата „ Победник со победник“. Е таа теза  ја урна токму потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи во  синоќешното интервју за Телма.

ВМРО ДПМНЕ го форсира т.н мајски договор од 20о7  според кој велат дека е договорено секогаш да коалицираат победникот од македонскиот со  победникот во албанскиот блок. Ама не било баш така, вели токму човекот кој таа година го пишуваше и создаде во американската амбасада во Скопје тој договор. Теута Арифи за Телма изјави дека воопшто нема таква изричита ставка во тој договор  и тој договор има сосем друг политички контекст и се однессува за тоа време.

“Морам да кажам дека во тој договор има 5 точки и тие не се испочитувани, што за јазикот, што за борците на ОНА и  така да селективно не можете да избирате која точка ќе ја почитувате, а која не. Тој  договор е прекршен, не е испочитуван докрај и  тој денеска не важи,  односно е проблематичен и не  е апликативен,“ разјасни  Арифи.

Она што е уште посуштествено е дека и таа и други видни членови велат дека всушност тие и не гледаат никакви сериозни преговори, за кои на големо пишуваат провмровските медиуми.

“Класични преговори немаме. После седница на претседателството на ДУИ, нашиот претседател се сретна со лидерите на двете партии, и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, каде ги кажаа нашите позиции за кои нема да преговараме, а тоа е прашањето за албанскиот јазик и продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство, насоката кон ЕУ и НАТО. Има комуникации во однос на дообјаснување на овие прашања, но класични преговори нема“ – рече Арифи.

И сега тонч!

Сепак Али Ахмети направи средби и со Никола Груевски и со Зоран Заев и има сознанија кој што бара, и толку. Она што е сигурно засега е дека вистинското решение не е во преговарачот Ахмети, туку во неговото членство, во партијата и во претседателството.

Решението не е во него затоа што тој, како што веќе протекоа информации од неговата партија, нема согласност за коалиција со Никола Груевски  од сите 10 пратеници туку само од 5 или 6. Останатите се децидни дека нема да колицираат со ВМРО ДПМНЕ.

И како надополнување, можеби Арифи навистина беше искрена кога кажа дека на ДУИ сега не ѝ  најбитен колицискиот партнер, туку Албанците, партијата и државата. Тие сега се бават самите со себе и тоа им е најважно, а не Никола Груевски. ДУИ воопшто  не исклучува  дека изгуби 10 пратеника од своето конто, и дека тоа отиде кај другите нови партии , во Алијансата и Беса.

Но платформата, декларацијата и бројот на албанските гласови  кои влегоа во СДСМ сега е друга тема.

Со слична порака  за позицијата и преговарачкиот процес и вториот член на претседателството, Рафис Алити, кој уште попрецизно  вели дека ДУИ не може да оди со ВМРО ДПМНЕ бидејќи  не може да се игнорира ниту СЈО, ниту ЕУ  и  влез во НАТО, ниту употребата на јазикот.

Алити  со порака и до Иванов. Тој вели ако Груевски не успее да формира влада во рамките на законскиот рок, мандатот треба да го добие Зоран Заев. Ако не се случи тоа, Алити предупредува:

„Оваа земја има потреба да излезе од кризата, а да не се продлабочи уште повеќе. Ако се случи претседателот да не му го даде мандатот на Заев, тогаш Македонија ќе се втурне во подлабока криза. Ако претставниците на т.н. претседател Иванов донесат таква одлука тоа значи дека дел од македонската политичка елита намерно ја турка земјата во поголема криза.“ –изјавува Рафис Алити.

На крај заклучокот е дека  решението е во  албанските гласови , а излезот во  тој што го дели мандатот- Претседателот Иванов.

Во недела истекува мандатот, иако првиот абер за гласачите  на  Груевски  ќе стигне од Мала Речица веќе денеска. Груевски  го знае одговорот,  исто како и неговиот претседател Ѓорге Иванов. Играта веројатно ќе се префрли во резиденцијата на Водно и калкулациите со доделувањето на вториот мандат за новиот  мандатар. Иванов повторно ќе биде битен  во стилот на „Пуковник или покојник“, но тоа ќе биде негов избор.

Од СДСМ најавуваат дека  очекуваат ваков развој на настаните, и  она во што веруваат е  дека го имаат парламентарното мнозинство и дека ќе направат нова влада. Другото се само ризици, нервози и бавно соочување на довчерашниот режим со евидентниот пораз, порачуваат од СДСМ.

Слични содржини