„Нова ера“, стара будала

од desk2

Може да се зафркавате колку што сакате со “новата ера”, ама тој што му го шитнал слоганов на Грујокио е генијалец!

Еве зошто.

Прво, одлично го проценил што “марка” е. Дека пати од месијански синдром и дека на “пастирот” му треба нешто сосема ново.

Старите слогани со кои дојде и ја зацврсти власта се потрошени: “преродбата во 100 чекори” и “преродбата проширена и надградена” не смеат ни да се спомнат, треба нешто многу појако од “преродба”.

Слоганот “нова ера” го асоцира “пастирот” директно со Исус, по чие раѓање се определува новата или старата ера.

Се разбира, секој нормален политичар веднаш би го отпуштил од работа креативецот кој му нуди споредба со Исус, но не и заслепениот Груевски.

И, токму затоа креативецот е гениј, зашто успешно ја дијагностицирал политичката болест на својот клиент!

Од друга страна, на слоганот ептен му се израдуваа и сите антигруевисти. Со сиот памет, вчера официјално ја започнаа кампањата по старо, предвреме, со кршење на законот, објавувајќи ја “новата ера”, со истата стара будала! И така, “новата ера” е слоган на годината, има да се збори за него и од “новоерците” и од сите кои ќе тераат мајтап со нив.

Ретко се наоѓа во политиката таков производ од кој се задоволни буквално сите, како што е слоганот “нова ера”. И тие на кои што си им го шитнал, и на нивните противници.

И затоа креаторот на тој производ е гениј.

Жарко Трајаноски – Фејсбук статус

Слични содржини