Нови 17 обвиненија за 18 предмети покрена СЈО, материјалите ќе се носат во судот

од desk2

Материјалите кои ги поседува Специјалното јавно обвинителство ќе бидат пренесени во судот, денеска и утре, за нови 17 обвиненија за 18 случаи, најави обвинителката Катица Јанева на денешната прес-конференција.


Јанева најави дека 1 јули за нив ништо не значи, затоа што СЈО има мандат од пет години, и тие ќе работат следните три години и ќе наоѓаат начини да ги процесуираат предметите преку редовното обвинителство до судовите.

Таа информира дека до денес успеале да поднесат 17 обиненија за 18 предмети против 94 физички и 7 правни лица.
„На сериозноста и обемноста на работата упатува и фактот што се работи за сериозни злоупотреби на службена положба и јавни набавки. И покрај неопходноста за временски рок за ваков вид кривични дела резултатите се видливи со оглед на обемноста на материјалите и вештачења“, рече Јанева која очекува мандатот да им биде продолжен.

Јанева најави дека предметот „Талир“ за незаконското финансирање на една политичка партија ќе продолжи и понатаму. „Сепак временските рокови не дозволија преземање истражни дејства за поткрепа на случајот“, рече Јанева.

За Талир нема процедурални пречки, вели јанева, но не може за еден месец да се истражат сите дејствија за политичка партија која осум години водела незаконска кампања. Откако ќе се истражат сите дејствија треба да се направат независни вештачења. Освен за „Талир“ и предметот „Табла“ остана оти ја прошириле истрагата за повеќе лица. Другите предмети се во фаза на обвинение.

Во „Талир“ се осомничени 14 високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и лидерот Никола Груевски за нелегално финансирање на партијата и перење пари.

Јанева информира и дека предметите „Таргет“ и „Тврдина“ се споени во едно.

Од СЈО очекуваат дека сите случаи треба да почнат да се процесуираат итно, затоа што има барања и за притвори. Таа потврди и дека има барања за притвор за претседател на политичка партија.

„Ние сме цврсто убедени дека со соодветните судски дејства ќе докажеме дека обвинетите ги сториле кривичните дела кои им се ставаат на товар. Ни 30 јуни ни 1 јули не менува ништо оваа институција независно да обезбеди осварување на кривичната правда. СЈО нема да остави сторителите на кривични дела да останат неказнети“, рече Јанева.

Слични содржини