Новиот регионален директор на Светска банка во посета на Македонија

од desk2

Новиот регионален директор на Светска банка за земјите од Западен Балкан, Линда ван Гелдер, ќе престојува во Македонија од 25 до 28 јули. За време на нејзината посета ќе се сретне со претставници на Владата и со други чинители во земјата за да се запознае со приоритетите на Владата и со предизвиците со кои се соочува земјата.

Таа, исто така, ќе разговара за областите поврзани со сегашната и со идна поддршка од Светска банка, со фокус на финансиски услуги и на анализи кои може да бидат поддржани во текот на следните две години.

Тековната програма на Светска банка во земјата вклучува активно портфолио кое се состои од седум инвестициски проекти, во износ од 348,9 милиони долари. Поддршката на Светска банка се фокусира на областа на патната инфраструктура (вклучително безбедноста на патиштата и отпорноста на климатски промени), општински услуги, социјална заштита, образование, вештини и иновации и конкурентност во туризмот.

Ван Гелдер доаѓа на местото на Елен Голдстин од 1 јули и таа ќе го води дијалогот за политики со шесте земји од Западен Балкан, за поддршка на реформските приоритети и напори за нивно пристапување кон Европската Унија.

Пред стапување на оваа позиција, Ван Гелдер беше директор на одделот за стратегија и за проекти за одржлив пораст, финансии и институции, во чија надлежност се глобалните практики на Светска банка за макроекономија и фискален менаџмент, финансии и пазари, трговија и конкурентност, сиромаштија и еднаквост и управување./Meta

Слични содржини