Новите сопственици на Милан: Доаѓа нова ера за клубот

од desk4

На сајтот на италијанскиот тим Милан излезе официјално соопштение за денешната промена на раководството на клубот.

„По промената на сопственоста во минатата недела, со стапувањето на „Елиот“ во клубот, Милан денеска избра нов одбор на директори на денешната средба на акционерите во Милано, сигнализирајќи ја зората на новата ера во клубот. Новиот одбор е составен од Паоло Скарони, Марко Патуано, Франк Твил, Џорџо Фурлани, Стефано Кочирио, Салваторе Черкионе, Алфредо Крака и Џанлука Д’Аванзо.

Марко Фасоне ја напушта позицијата извршен директор. Сегашниот член на одборот Паоло Скарони беше избран за претседател и има овластување да го води клубот привремено до назначувањето на нов извршен директор. Новиот директор ќе биде објавен наскоро.

Одборот ќе се собере повторно да прегледа нов бизнис план кој ќе претстави јасна патека до враќањето на тимот во Лигата на Шампионите. Одборот, исто така, разговараше за нов буџет за клубот. Целта ќе биде да се зајакне кондицијата на тимот во согласност со правилата на УЕФА за финансиски ферплеј. Како што стана јасно од вчерашната одлука на КАС, „финансиската ситуација во клубот сега е подобра, како последица на скорешната промена на сопственоста во клубот“. „Елиот“ веќе ја изрази својата силна поддршка за клубот со намера да инвестира 50 милиони евра и верува дека денешните промени ќе бидат клучни за постигнување на долгорочен успех за клубот“, се вели во соопштението.

„Ја ценам можноста да го предводам одборот на директори на Милан и јас сум благодарен за вербата и поддршката на другите негови членови. Ова е клучен момент во историјата на клубот и сите сме среќни што имаме нов сопственик кој е посветен на враќањето на Милан на неговата стара слава. На ниво на одбор, ние ќе се потрудиме да го ставиме тренерот и играчите во победничка позиција. Имаме многу напорна работа за да одиме напред и ние сме желни да се надградуваме на денешните основи“, рече новиот претседател Паоло Скарони.

„Изборот на нов одбор е нов чекор за враќање на Милан во вистинската насока. Елиот е добро позициониран да обезбеди финансиска стабилност и правилно управување за успех на теренот од светска класа и доживување од светска класа за навивачите. Знаеме какво место зазема Милан во светот на фудбалот и ја сфаќаме одговорноста која доаѓа со сопственоста на таква наградувана франшиза“, прокоментира извршниот директор на „Елиот“ Пол Сингер.

Слични содржини