Измените во Законот за помилување не го решаваат проблемот, туку креираат нов, велат експертски и дипломатски извори. Власта е задоволна од законското решение, пишува Дојче веле.

HORHE

Големо незадоволство владее во демократската јавност по измените во Законот за помилување, со кои владејачкото мнозинство инсталираше двојна можност: претседателот Иванов да ја повлече одлуката за аболиција по сопствена иницијатива или по барање на засегнатите лица. Во правни кругови велат дека ваквото решение не е случајно, затоа што јасно прејудицира дека главната цел е аболицијата да биде повлекувана исклучиво по барање на засегнатите.

Нелогичноста на ова решение уште при расправата за законските измени ја посочи и пратеникот на ДУИ, Рафиз Алити, кој потенцираше дека нема потреба аболицијата да биде повлекувана по барање на помилуваните лица, кога веќе на претседателот му се дава можност да го стори тоа. Но, неговата аргументација не беше прифатена, што јасно укажа во која насока е планирано да се спроведува законот.

„Ова решение овозможува селективност и ќе води кон поткопување на правото и на еднаквоста на граѓаните пред законот. Не може да се смета дека овие законски измени се соодветно решение, бидејќи креираат нов проблем“, велат дипломатски извори. Тие не го коментираат фактот што ваквото решение е усвоено откако функционерот на американскиот Стејт Департмент, Брајан Хојт Ји, порача дека делумно или селективно повлекување на помилувањата дополнително ќе го зголеми растечкото чувство на неказнивност во државата, но велат дека „имаат јасна слика што се случува“.

Помилување за повлекување од политиката?

Како што дознава ДВ, владејачката партија ја објаснувала потребата од вакво решение со став дека дел од нејзините помилувани функционери немало да побараат повлекување на аболицијата, но планирале целосно да се повлечат од политиката.

VMRO-DPMNE-Zgrada

„Правилото – ‘не барам повлекување на аболицијата, бидејќи ќе се повлечам од политиката’, не може да функционира во земја која тврди дека се залага за владеење на правото. Законот за помилување не смее да функционира како тезга за самопослужување. Ако по своја иницијатива некои помилувани лица во иднина решат да не бидат активни или видливи на политичката сцена, тоа не значи дека отсуството од политиката може да им биде супституирано со ослободување од докажувањето на нивната вина или невиност низ судска постапка. Повлекувањето од политиката е приватна ‘разрешница’ на нечии лични, идни планови, а ние зборуваме за неопходноста од правна разрешница. Не може спроведувањето на правдата да се трампа со повлекување од политиката“, вели поранешен судија.

Според информации од Кабинетот на претседателот, од 56 аболирани лица 12 поднеле барање за повлекување на аболицијата, а од високите функционери на ВМРО-ДПМНЕ тоа официјално го побарале само партискиот лидер Никола Груевски и претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

 

Повеќе ТУКА

Слични содржини