Целосно да се спроведе Договорот од Пржино и што поскоро, во наредните денови, да се постигне договор за одржување избори со цел излегување од политичката криза во која се наоѓа Македонија, е пораката на помошникот-државен секретар на САД за Европа и Евроазија Викторија Нуланд што ја искажа денеска на прес-конференција во Американската амбасада во Скопје по средбите со политичките партии и невладиниот сектор.

– Очигледно е дека е постигнат одреден прогрес во имплементацијата на Пржинскиот договор, но сега е моментот да се заврши работата и Македонија да се постави на курсот за слободни и фер избори, рече Нуланд.

Таа посочи дека политичките партии веќе разговарале за тоа како да се дојде до избори и пред нејзиното доаѓање, а по денешните средби со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ, на ДУИ и на ДПА, како што наведе, заминува од Скопје охрабрена.

nuland-bejli-1-860x680

– Морам да кажам дека го напуштам Скопје охрабрена од она што го слушнав. Се надевам дека преговарачките тимови во следните неколку денови ќе се обединат околу некои идеи кои сега се на маса со што ќе се зацрта курсот кон одржување избори. За ова ќе биде потребна политичка волја од сите страни и почувствував дека таа волја постои по средбите што ги имав денеска, рече Нуланд.

Таа додаде дека амбасадорот Бејли и неговиот тим ќе продолжат со напорната работа заедно со Европската унија со цел политичките партии во земјата да дојдат до решение што е можно поскоро.

Втора цел на нејзината денешна посета во Македонија, нагласи, била да се даде поддршка на јакнењето на правдата и владеењето на правото.

(ВИДЕО) Прва кај Нуланд беше Јанева, Ахмети замина молчејќи, а Тачи “не бил баба Ванѓа”

Американскиот дипломат подвлече дека денеска имала средби и со претставници на невладиниот сектор и новинари со цел да ги охрабри во работата што ја работат. Изутрината се сретнала и со специјалниот јавен обвинител Катица Јанева и нејзиниот тим и притоа нагласи дека нејзината работа е од витално значење за обезбедување вистинско владеење на правото, одговорност и чист правен систем во земјава.

– Тоа е нешто што е апсолутно неопходно за Македонија да ги постигне своите евроатлантски цели, да стане членка на ЕУ и НАТО за што ја има долгорочната поддршка од САД, рече Викторија Нуланд.

Запрашана дали ја поддржува идејата за специјален суд којшто би ги водел предметите на СЈО, американскиот помошник државен секретар рече дека се изнесени многу идеи за дополнителни структури, но оти важно е системот да биде чист, одговорен и ефективен.

– Повторно, ова е процес за кој сите ние посакувавме да одеше побрзо, но многу беше сработено со поддршка на САД и на ЕУ уште пред да пристигнам. Се работеше на пакет идеи за Македонија да се придвижи кон избори и да се имплементира Договорот од Пржино. Се надевав денес да ја поддржам и поттикнам оваа работа и мислам дека лидерите сакаат тоа да се случи. Ќе останеме со вас со цел да се постигне договор во наредните денови, подвлече Нуланд.

На новинарско прашање за евентуални санкции доколку нема поместување во однос на политичката криза, Нуланд одговори дека се надева на скора разрешница и дека нема да мора да се оди во таа насока.

Посетата на Викторија Нуланд на Македонија е во рамки на нејзината турнеја низ неколку земји во регионот. Таа допатува во Скопје по посетите на Приштина и Тирана. Од Македонија заминува за Србија. / МИА

Слични содржини