Обилен снег на собирот во Давос

од desk2

Глобалната економија и геополитичката напнатост се на втор план на самитот во Давос, откако пред годинашниот самит на светските политички и бизнис лидери се појави поитен проблем – обилен снег, кој се заканува да го „завее“ собирот.

 

Голем број од околу 3.000 учесници на самитот минатата ноќ имаа проблем да стигнат до швајцарскиот зимски центар.

Дел од главната железничка пруга за Давос во текот на викендот беше покриена со снег, поради што многумина мораа да користат автобус, а хеликоптерите беа исклучени поради слаба видливост.

Некои состаноци најавени пред почетокот на самитот се откажани или одложени, додека првите гости со куфери се пробиваа низ улиците покриени со снег, барајќи ги хотелите или чекајќи шлеп служба да ги извлече нивните возила.

Адријан Монк, шеф на прес-службата на Светскиот економски форум, изјави дека ова се најсилните снежни врнежи за време на одржување на собирот во Давос, по врнежите во 1999/2000 година.

Монк вели дека повеќе станува збор за непријатност, отколку вистинска закана за одржување на собирот.

„Знаеме дека снегот е непријатност и дека претставува притисок на градот Давос, како домаќин, но до сега нема откажување на учество“, рече Монк.

Сепак, на падините околу Давос има голема количина снег, поради што некои експерти предупредуваат на опасност од лавина./24 Vesti

Слични содржини