Објавена книгата „УБК одблизу – сеќавање на едно време“ од Љубен Конески

од desk4

– Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ја објави книгата „УБК одблизу – сеќавање на едно време“ од Љубен Конески, автентична збирка на лични сведоштва и размислувања на еден поранешен висок припадник на Службата за безбедност во времето на СФРЈ и во периодот на самостојна Република Македонија.

Оваа книга е прва од ваков формат во независна Македонија, при што претставник на тајната државна служба преку една литераризирана форма го преставува периодот од животот поминат во редовите на оваа често дискутирана и многу табуизирана професија.

Во стил што се наоѓа помеѓу сеќавањето и кусиот расказ, Конески јавно проговорува за познати и не толку познати настани и личности од политичкиот и јавниот живот, фрлајќи нов зрак светлина не само на историските процеси туку и на внатрешните состојби на оваа служба.

Преку оваа книга првпат пред јавноста се откриваат: најавите за воен удар во предвечерието на независноста на Македонија, акцијата за сопирањето на еден конвој на ЈНА и можните инциденти, ретки детали од истрагата за атентатот на Киро Глигоров, лозунгот што беше најстрого чувана службена тајна врзана за смртта на Ј. Б. Тито, контактите на ВМРО–ДПМНЕ со членовите на ДБК, акцијата за одземање на документацијата за испраќање регрути на боиштата во поранешна Југославија, реорганизацијата и трансформацијата на службите за безбедност, вистински примери од отворањето на тајните досиеја, (не)мешањето на УБК на приватниот помен по повод 25 години од смртта на Ченто, активности на странските служби преку пласман на капитал во стопанскиот живот во Македонија, контроверзиите околу панихидата за Методија Кусев, бугарскиот митрополит со потекло од Прилеп.

Љубен Конески е роден во 1954 година во Прилеп. Основно училиште и гимназија завршил во родниот град. Дипломира во 1978 година на Факултетот за политички науки во Белград, на Катедрата за дипломатија и меѓународни односи. Во 1979 година се вработува во тогашниот РСВР (МВР) во Службата за државна безбедност. Во Службата за безбедност извршувал повеќе работни задачи од аналитичката и оперативната дејност.

Книгата „УБК одблизу – сеќавање на едно време“ е негово дебитанско книжевно дело

Слични содржини