Обвинетиот Алими: За обвинението дознав од медиумите – останувам во служба на правдата

од Vladimir Zorba

Политичките партии со различни ставови за обвинувањата што вчера ги покрена СЈО. По барањето за притвор на Елуп Алими и Исмет Гури, членови на ДУИ, од партијата одговараат со молк. Но, Ејуп Алими во писмена изјава за Алсат М соопшти дека ќе соработува со органите на правдата за да се докаже вистината во врска со покренатите обвиненија.

„Убеден дека ова обвинение за кое дознав од медиумите нема никаква основа, но мислам дека независноста на оваа институција е најдобар начин да се докаже вината или невиноста на секој човек. Останувам во служба на правдата. Во меѓувреме очекувам да се почитува пресумпцијата на невиност, додека тоа не се потврди во судска постапка.“ – гласи писмената изјава на Ејуп Алими, ДУИ

По барањето на СЈО да му се изрече мерка на претпазливост на лидерот на ДПА, Мендух Тачи кој исто така е обвинет за мешање во изборен процес, од оваа партија остануваат на последниот став на Тачи кој рече дека, кога зборува правдата, сите други молчат. За обвинувањата на останатите 91 лице, меѓу кои е и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, од оваа партија повторно излегоа со обвинувања до СЈО, нарекувајќи ја канцеларија на СДСМ.

„Целта на СЈО е елиминација на ВМРО-ДПМНЕ со цел слабеење на државата. СЈО води политички процес чија цел е политичка, а не правна и притоа без да има било какви докази се води хајка против цела една партија. Стотина лица од клучните тела на ВМРО-ДПМНЕ се политички обвинети без постоење на докази.“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов не сакаше да ги коментира обвиненијата на СЈО, бидејќи според него, оваа институција е трета власт. Но, тој искоментира дека полека „заробената“ држава се претворала во правна држава. Од друга страна, Движењето Беса и Алијансата за Албанците иако ја поздравуваат досегашната работа на СЈО, тие сепак се разочарани од правдата, односно од селективниот пристап на оваа институција.

„Иако работата на СЈО е за поздравување, но по вчерашните обвиненија разочарува и загрижува фактот што и вчера највисоките функционери на ДУИ не беа споменати и не беа обвинети од СЈО. Како тие да се ангели. Ние не знаеме кои се причините зошто не се отворени обвиненија против нив. Уште повеќе разочарува тоа што вчера не беа отворени предмети за Монструм и Сопот. Албанците очекуваа многу повеќе од СЈО.“ – изјави Фатон Фазлиу, Беса

„Алијансата за Албанците на некој начин е разочарана што ова обвинителство кое имаше исклучителна поддршка од нашиот субјект, досега не успеа да покрене и да процесуира обвиненија околу познатите случаи како Монструм, Дива Населба кои сметаме дека беа дел од незаконските прислушувања. Апелираме согласно времето и можноста што поскоро да одговорат бидејќи сметаме дека за да се врати довербата на Албанците во судството и обвинителството, под итно треба да се расветлат овие случаи.“ – изјави Флакрон Беџети, Алијанса за Албанците

Инаку, вчера поднесените обвиненија се однесуваат на злоупотреба на должноста, изборни измами, местење тендери, финансиски злоупотреби и други кривични дела./извор АлсатМ

Слични содржини