Обвинителството будно ги следи медиумите за „Маѓар телеком“ и „презема дејствија“

од Vladimir Zorba

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција будно ги следи сознанијата од медиумите и врз основа на нив започна дополнителни дејствија за меѓународна правна помош. Ова е дел од одговорот на Јавното обвинителство на Република Македонија во одговорот на нашето прашање „дали исходот од постапката за случајот „Маѓар телеком“ во САД ќе влијае на истрагата за случајот во Македонија“.

Од Обвинителството велат дека за случајот во земјава се водат два предмети, во ОЈО Скопје и во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.

Предметот кој го води ОЈО за организиран криминал, а е поврзан со постапката што се водеше пред правосудните органи во САД беше отворен откако јавно беше објавено сведочењето на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Слободан Богоевски, пред Окружниот суд во Њујорк, во кое тој тврди дека поранешните директори на „Маѓар телеком“ дале 2,5 милиони евра поткуп на тогашниот премиер Владо Бучковски и на претставниците на ДУИ, Али Ахмети и Муса Џафери, за да не влезе друг телекомуникациски оператор во Македонија.

Кон крајот на септември 2015 година, Богоевски беше повикан и четири часа даваше исказ во Јавното обвинителство.

– И понатаму се преземаат дејствија неопходни за расветлување на настанот. Извршено е испитување и на други лица, а поднесено е и барање за меѓународна правна помош од американските власти, што во неколку наврати имаме посочено дека е подолготрајна постапка. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција будно ги следи сознанијата од медиумите и врз основа на истите започна дополнителни дејствија за меѓународна правна помош – велат од Јавното обвинителство.

Американската комисија за хартии од вредност вчера соопшти дека поранешните директори на „Маѓар телеком“, Елег Штрауб и Андрас Балог, кои беа обвинети за „водење тајни договори со премиер и со други лица од Македонија“ за да ја спречат конкуренцијата на телекомуникацискиот пазар, се спогодиле да платат парични казни, од 250.000, односно 150.000 долари.

За првиот случај истрагата почна во 2008 година, а три години подоцна, односно во 2011 година беше поднесено обвинение. Но, судењето за овој случај и по шест години никако да почне, а рочиштата постојано се одложуваат.

Станува збор за слулај во кој поранешните директори на „Телеком“, Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус, се товарат дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ за речиси 4 милиони евра, а буџетот на државата за околу 2 милиони евра, бидејќи Владата во „Телеком“ во тој период поседуваше 47 отсто од акциите.

Слични содржини