Од 1 јуни повторно ќе сообраќа возот од Солун-Скопје-Белград

од Vladimir Zorba

Експресниот воз „Хелас експрес“ повторно ќе почне да сообраќа помеѓу Скопје, Белград и Солун од 1 јуни годинава.

Српските железници ја завршија реконструкцијата на пругата меѓу Ниш и Прешево, со што се создадоа услови за железничко поврзување меѓу овие земји.

Возот од Скопје ќе тргнува секој ден за Солун во 4:45 часот, додека тргнувањето назад од Солун кон Скопје ќе биде во 18:30 часот. Од Скопје кон Белград секој ден  ќе сообраќа  воз кој ќе тргнува во 22:19 часот, кој од српската метропола за Скопје ќе се враќа во 18:35 часот.

Цената на меѓународните железнички билети за Белград и Солун во една насока е 12,2 евра, а на повратниот билет 19,5 евра, а на патниците ќе им бидат на располагање кушет и спални вагони долж целата траса.

Поради реконструкција на пругата на територијата на Грција, возот „Хелас експрес“ во наредниот период ќе изостанува на релацијата Гевгелија-Солун-Гевгелија. Грчката државна железница за сите патници има обезбедено автобус меѓу железничките станици во Солун и Гевгелија.

Македонските граѓани од Белград ќе можат директно да патуваат со воз до Виена, Загреб, Љубљана и Будимпешта и да ги користат поволните понуди за меѓународниот железнички сообраќај Balkan Flexipass, City Star и Inter Rail за патување од Скопје до сите европски земји.

Слични содржини