Меѓународниот фестивал на комедијата “Гола месечина” ќе се одржи од 19 до 26 јуни во општина Аеродром. Општината издвоила средства од својот Буџет за овој меѓународен фестивал, кој ќе се одржи по четврти пат, со цел да го збогати културниот живот во општината и да ги развесели и разведри  граѓаните. Досегашниот интересот на граѓаните за оваа манифестација која се одржала веќе трипати е  сигурен знак дека фестивалот треба да продолжи, и да прерасне  во традиција. Одиграни се 30 театарски претстави кои биле посетени од 40.000 публика. 

Фестивалот има натпреварувачки карактер и тричлена жири-комисија ќе додели награди за најдобра машка и женска улога, за најдобра режија и најдобра претстава.

Инаку, седумте претстави од Македонија и странство ќе се играат од 19 до 26 јуни, со почеток од 21 часот, на отворена сцена поставена во спортскиот центар „Ново Лисиче“, а влезот за сите претстави ќе биде бесплатен.

Фестивалот се отвора со претставата „Лажговци во неволја“ на Сатиричниот театар од Софија, а завршува со претставата „Приказните на заборавените предци“. Во рамки на фестивалот на истата сцена ќе се организира и бесплатен зумба час на отворено.