На денешен ден  12 февруари 

79

1804.- Умре Имануел Кант, основоположник на германската класична филозофија. Во основата на неговото учење е сфаќањето дека нештата постојат независно од нашата свест. Најпознати негови дела се “Критика на чистиот ум”, “Критика на практичниот ум” и “За убавото и возвишеното”. Роден е на 22 април 1724 година.

1809.- Роден е Чарлс Дарвин, британски научник, творец на теоријата на еволуцијата на живите суштества. Од 1813 до 1836 година учествуваше во научната експедиција на бродот “Бигл”, која имаше пресудно значење за поставување на неговата теорија за развој на живите суштства, која беше во спротивност со учењето на црквата. Неговите записи се научни ремек дела, пишувани со јасен и логичен стил. Во своето капитално дело “Потеклото на видовите” ја изнесе суштината на трансформистичките документи наречени “дарвинизам”. Умре на 19 април 1882 година.

1809.- Роден е Абрахам Линколн, шеснаесеттиот претседател на САД. Беше земјоделец, дрводелец, адвокат, член на Конгресот и еден од основачите и лидер на Републиканската партија, која се бореше за укинување на ропството, а во 1860 година стана претседател на САД. Убиен е во атентат од застапниците на робовскиот систем, во 1865 година.

1818.- Чиле ја прогласи независноста од Шпанија.

1851.- Едвард Харгрејвс пронајде злато во Самерхил Крик во Нов Јужен Велс, предизвикувајќи златна треска во Австралија.

1912.- Последниот кинески цар од династијата Манџу – Пу Ји, абдицираше, по што Кина стана република со претседателот Сун Јат Сен. Кога Јапонија во 1932 година од североисточната кинеска провинција ја создаде сателитската држава Манџуко, Пу беше „вратен“ на престолот, станувајќи фигура во рацете на освојувачите. По Втората светска војна беше осуден, но бидејќи во затворот ја „сфати“ грешката беше помилуван и во 1962 година стана член на Националниот конгрес. Остави мемоари под наслов „Бев кинески цар“.

1914.- Во Скадар, Република Албанија, е роден Василие Поповиќ – Цицо, македонски сликар, карикатурист и сценограф, еден од основоположниците на карикатурата, на сценографијата и на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Умре во Скопје, на 10 декември 1962 година.

1923.- Роден е италијанскиот филмски режисер Џанфранко Корси, познат како Франко Зефирели, кој режираше и опери и музички драми.

1944.- Во местото Барбарас, кај Македонски Брод, бугарскиот окупатор стрела осум борци – учесници во Богомилскиот поход.

1946.-  Весникот „Лаки фони“, орган на Бирото на КПГ за Македонија, објави дека од 12 февруари 1945 година до 12 февруари 1946 година од грчките власти и терористичките банди беа убиени 1.300, затворени 20.000 и прогонувани 200.000 луѓе. Од убиените 200 беа од Македонија, а од убиените од Леринско, во Костурско и во Соровичко – 98 отсто беа Македонци.

1949.- Грчка владина чета од специјалните единици ЛОК и вооружените припадници на реакционерната организација МАИ го опколија селото Изглеби, Костурско. Притоа ги фатија и на најѕверски начин го убија Ѓорѓи Делов, Христула Делова, Глигор Шишков со жена му, ги запалија нивните куќи, каде што ги изгореа нивните тела, а Анастасија Минџова жива ја изгореа во нејзината куќа.

1953.- Советскиот Сојуз ги прекина дипломатските односи со Израел по бомбашките напади на советското претставништво во Тел Авив.

1973.- Северен Виетнам во текот на Виетнамската војна ја ослободи првата група американски воени заробеници.

1974.- Во Москва е уапсен рускиот писател Александар Солжењицин, добитник на Нобеловата награда за литература, на кого следниот ден му беше одземено советското државјанство и беше протеран од земјата, по што во емиграција помина две децении.

1979.- Умре францускиот филмски режисер Жан Реноар, син на сликарот Огист Реноар. Автор е на низа антивоени филмови со кои силно влијаеше на духовната состојба на нацијата. Ги напиша книгите: „Реноар, мојот татко“, и „Мојот живот и моите филмови“. Филмови: „Нана“; „Кучка“, „Мадам Бовари“, „Тони“, „Излет“, „Голема Илузија“, „Човек – ѕвер“, „Правила на гира“, „Оваа земја е моја“, „Жена на брегот“, „Река“…

1979.- Во Родезија (сегашна Зимбабве) герилците убија 59 луѓе, соборувајќи патнички авион на „Ел Родезија“.

1984.- Во Париз умре Хулио Кортасар, аргентински писател. Автор е на голем број прозни дела, а негов најпознат роман е „Книгата на Мануел“ за која во 1974 година му е доделена наградата „Медисис“. Роден е во Брисел, во 1914 година.

1990.- Кармен Лоренс стана премиер на Западна Австралија како прва жена шеф на влада на некоја од австралиските држави.

1992.- Република Словенија и Република Хрватска ја признаа независноста на Република Македонија. И Република Македонија ја призна независноста на Република Словенија и на Република Хрватска.

1996.- Јасер Арафат ја презеде должноста прв палестински претседател.

1996.- Република Мекедонија и Република Гана воспоставија дипломатски односи на амбасадорско ниво.

1996.- Во Атина официјално започна со работа Канцеларијата за врски на Република Македонија.

1997.- Хваг Џанг Јоп, близок соработник на претседателот на Северна Кореја Ким Џонг Ил, побра во јужнокорејската амбасада во Пекинг политички азил во Јужна Кореја.

1999.- Американскиот сенат по повод скандалозните љубовни афери на шефот на државата Бил Клинтон со приправничката во Белата куќа Моника Левински со мнозинство гласови не го прифати сменувањето на претседателот.

2002.- Пред Судскиот совет во Хашкиот трибунал почна судењето на поранешниот претседател на Југославија и Србија Слободан Милошевиќ, обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото. Судењето не беше завршено бидејќи обвинетиот во текот на процесот умре.

2002.- Падот на иранскиот патнички авион „Tu-154“ на запад во Иран не го преживеа никој од 117 патници и членови на екипажот.

2012.- Популарната поп пејачка Витни Хјустон умре на 48-годишна возраст во хотелот „Беверли Хилс“ во Лос Анџелес. Витни Хјустон почина на ден пред церемонијата на доделување на музичките награди „Греми“ и тоа во истиот хотел во кој се одржува забавата по манифестацијата. Хјустон во текот на 80-те и 90-те години на минатиот век со своите песни беше на врвот на музчиките топ листи, а настапи и во неколку филмови, меѓу кои највпечатлива беше нејзината улога во „Телохранител“ каде партнер и беше Кевин Костнер. Има освоено шест Греми награди, издаде седум албуми и има продадено околу 170 милиони носачи на звук и видео спотови. Нејзината кариеа почна да оди по надолен пат, откако се омажи за раперот Боби Браун, по што започнаа нејзините проблеми со наркотиците. Медимите објавуваа дека Хјустон користела кокаин, марихуана и екстази.

Избор МИА

Слични содржини