Од октомври Еуровингс ќе лета на линијата Скопје–Минхен

од desk2

Ниско-буџетната авиокомпанија Еуровингс, членка на групацијата Луфтханза од 31 октомври секој вторник и петок ќе лета на линијата Скопје– Минхен од аеродром „Александар Велики“ до главниот аеродром во Минхен „Франц Јозеф Штраус“.

Како што најавија од авиокомпанијата, цените за авионските билети ќе почнуваат од 39,99 евра во еден правец, а од меѓународиот аеродром во Минхен патниците од Скопје ќе можат да се поврзат со повеќе дестинации во Европа и во светот.

– Со Еуровингс преговаравме веќе една година и тие решија да направат директен лет од Минхен до Скопје. Сметам дека тој лет ќе биде многу важен, бидејќи граѓаните покрај тоа што ќе имаат директен пристап од Скопје до Минхен ќе имаат дополнителни конекции и во Европа и на интерконтинентално ниво, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Директорот за развој на мрежата на авиолинии на Еуровингс, Иван Ореч посочи дека Еуровингс е третата најголема нискобуџетна авиокомпанија во Европа и е најбрзорастечка.

– Очекуваме дека оваа година ќе ја завршиме со 22 милиони патници. Многу ми е драго што Скопје ќе биде 31-та дестинација што ја вклучуваме на нашата мапа. Минхен е втората наша најголема база за долги интерконтинентални летови и можам да најавам дека од следната пролет од Минхен ќе имаме летови до Карибите, САД, Африка и Азија, изјави Ореч.

Прашан дали во иднина планираат од Скопје да организираат летови и до некоја друга дестинација, Орич посочи дека заедно со ТАВ веќе размислуваат за некои други летови.

Најави дека билетите за летовите на оваа линија се веќе во продажба преку веб-страницата на авиокомпанијата eurowings.com.

Еуровингс ќе лета на линијата Скопје–Минхен два пати неделно, односно, секој вторник и петок, со Ербас А320-200, со капацитет од 174 седишта. Ниско-буџетната авиокомпанија Еуровингс, со седиште во Келн, сообраќа на повеќе од 150 дестинации во повеќе од 40 земји низ Европа и е добро позната по одличната мрежа на авиолинии до атрактивни туристички локации.

Слични содржини