Од септември ќе почне да се емитува нова македонска серија „На терапија“

од desk2

Од 4 септември ќе почне со емитување новата телевизиска серија „На терапија“, првата македонска ТВ-продукција снимена според странска лиценца.

„Првпат во Македонија продуцирана е ТВ-серија според странска лиценца во која глумат домашни актери. Снимени се 45 епизоди адаптирани од македонски автори и реализирани со екипа од македонски ТВ и филмски професионалци“, вели продуцентот на серијата Роберт Насков.

Во македонската верзија на серијата, која е во продукција на „Кинооко“, играаат Никола Ристановски во улогата на психотерапевт, заедно со Јелена Јованова, Амернис Нокшиќи, Тони Наумовски, Ангела Димитрова, Драгана Костадиновска, Висар Вишка и Бедија Беговска.

Дејството на серијата се одвива околу приватниот и професионалниот живот на психотерапевт, кој во текот на петте работни дена работи со своите пациенти на нивните проблеми за во слободното време и самиот да побара стручна психијатриска помош. Секоја епизода е фокусирана на одреден пациент и неговиот однос со главниот лик: суицидална пливачка на тинејџерски години; професионален војник кој ги преиспитува своите постапки; жена која има еротска фиксација кон терапевтот; брачен пар кој не може да се соочи со обврските на родителство; како и сопругата на психотерапевтот, која се обидува да го спаси нивниот брак кој е во криза.

Оригиналната серија „На терапија“ потекнува од Израел. Концептот на серијата доживува планетарен успех и се снимаат верзии во Канада, Аргентина, Бразил, Јапонија, Холандија, Чешка, Полска и во Италија. Во балканскиот регион досега се снимени романска, словенечка, српска и хрватска верзија./Макфакс

Слични содржини