Македонија има извонреден театар, силен уметнички потенцијал, врвни уметници кои создадоа големи театарски остварувања и освоија бројни признанија и награди во странство, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, честитајќи им го Светскиот ден на театарот на актерите, режисерите, драматурзите и директорите на театрите во државата.

teatardzii

На денешното одбележување на празникот на театарот, таа рече и дека сценската уметност е меѓу приоритетите во културата и затоа се изградени и се градат нови театарски згради, редовно се поддржуваат премиери и гостувања на театарските куќи и голем број домашни театарски фестивали, а се вработува и кадар – 79 уметници во професионалните театри: 35 актери, 22 режисери и 22 драматурзи.

– Театрите во нашата држава оваа година ќе реализирааат 70 проекти, бројни гостувања, многу проекти на независната и алтернативната продукција, ќе се одржат 27 театарски манифестации и фестивали, а ќе одбележиме и значајни јубилеи – 40 години на Млад отворен театар, 50 години на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ и 70 години постоење на Македонскиот народен театар, рече Канческа-Милевска.

Покрај капиталните инвестиции – изградба на театарски згради, кои овозможија подобри услови и за актерите и за публиката, преку Министерството за култра тетарите во Македонија и технички се осовременуваат – добиваат нова сценска, светлосна и тонска опрема. За стимулирање на драмското творешво, пак, Министерството почна и откуп на драмски текстови за да се збогати националниот фонд на дела. Деновиве ќе бидат соопштени резултатите од годинашниот конкурс, односно трите избрани дела кои ќе бидат поставени на македонските сцени.

Директори кои присуствуваа на свеченоста ја нагласија отвореноста на нивните театри за гостувања на други македонски театари што ќе ја зацврсти нивната соработка, а и ќе и овозможи поголема понуда на публиката.

Јордан Витанов, директор на театарот во Велес, кој годинава е Град на културата во Македонија, ги покани своите колеги да гостуваат на нивната нова матична сцена, како и директорот ана МНТ Дејан Лилиќ кој најави два месеца отворен МНТ за други театари со што ќе го одбележи 70-годишниот јубилеј.

Витанов е задоволен што со изградбата на новиот Велешки театар, кој беше отворен минатата година, завршиле супстандардните услови кои, како што рече, нивниот ансамбл успеал да ги издржи.

– Почнавме со осум вработени, а денеска во нашата институција има 45 вработени, со тенденција да се вработи и потребен технички кадар, и имаме нова зграда. Ова е постигнато во период од осум години. Тоа драстично ни го промени животот, односот на публиката се смени кон нашиот театар, истакна Витанов.

Директорот на МНТ Лилиќ информираше дека седумте децении од првата претстава на МНТ на македонски јазик ќе ги одбележат со повеќе активности – на 29 март ќе бидат домаќини на театар од Израел, а по роденденот (3 април) ќе следуваат гостувања на сите национални театари на нивната сцена. МНТ со „Вечната куќа“ ќе гостува во Будимпешта, а во јуни ќе го организира вториот интернационален „МНТ фест“.

По повод Светскиот ден на тетарот се обрати и Драган Маџиров, директор на театарот „Антон Панов“ од Струмица, кој искажа задоволство што и нивниот ансамбл ќе добие нова театарска зграда, и Јелена Жугиќ, директор на најмладиот професионален театар во Македонија – театар „Комедија“, кој токму денеска одбележа три години постоење.

Покрај театарските уметници и публиката, важно место во сценската уметност има и театарската критика. Во име на рецензентите се обрати новинарот Борче Грозданов, кој им порача на драмските уметници никогаш да не ја забораваат публиката.

– Со маркетиншките мерки ја носите публиката, но направете нешто за да ја заджите, пред се, со разноликоста на репертоарот. Негувањето на публиката има не само едукативна, но и релаксирачка улога. Имам впечаток дека на моменти премногу се филозофира на сцена. Треба тој дух малку да го ослободиме од сцената, кон партерот, и ќе ја имаме публиката, рече Грозданов.

Режисерот и уметнички директор на МНТ Дејан Пројковски во име на колегите од сите македонски театри го изненади Грозданов со подарок – автоматизирана инвалидска количка, со која тој полесно ќе доаѓања на претставите за кои пишува рецензии.

Македонските театри ќе го одбележат Светскиот ден на театарот со читање на пораките пред вечерашните претстави. Автор на македонската порака оваа година е режисерката Нела Витошевиќ, а меѓународната порака ја напиша полскиот режисер Кшиштоф Варликовски./А1ОН

Слични содржини