Официјално – Петре Шилегов е нов градоначалник на Скопје, го победи Коце со 40 илјади разлика

од Vladimir Zorba

 Петре Шилегов од СДСМ е новиот градоначалник на Град Скопје. Според резултатите од 100 проценти обработени податоци добиени од избирачките места кои Државната изборна комисија ги објави вечерва на веб-страницата, Шилегов на изборите   освоил 141.119 гласови односно 50,32 проценти и ја доби градоначалничката функција во првиот круг од изборите.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и досегашен градоначалник Коце Трајановски освоил 101.464 гласови односно 36,18 проценти. Се работи за разлика од 39.657 гласови.

Шилеговја  прогласи победа уште попладнето, пред да бидат изброени 100% од гласовите.

„Им честитам на граѓаните на Скопје за одважноста, храброста и одлучноста што ја покажаа и што гласаа за заокружување на промените и за живот за сите во Скопје.

Новото Скопје, повторно се раѓа, а Македонија ги заокружи промените и тргна напред.

Резултатите се јасни, во Скопје имаме победа во првиот круг.

Ви ја честитам победата, вам на сите граѓани на Македонија, победа со која СДСМ и коалицијата ги потврдија промените и во Скопје.

Вака изгледа Скопје, вака изгледа Македонија кога се гласа без притисоци, слободно и демократски.

Македонија добива главен град кој поврзува, главен град кој работи за граѓаните.

Овој резултат за мене претставува голема чест но и уште поголема обврска.

Од првиот ден ќе се зафатиме со решавање на најгорливите проблеми на градот Скопје, загадувањето, зеленилото и сообраќајот.

И граѓаните многу бргу ќе можат да ги видат промените.

Новата градска администрација што ќе ја предводам, ќе биде сервис на граѓаните, ќе работат и ќе се водат исклучиво од нивните потреби.

Најавивме ново време на одговорна, домаќинска и транспарентна власт и ова станува правило во цела Македонија.

Уште еднаш, им благодарам на сите граѓани на Скопје, на сите политички партии кои учествуваа на изборите, на сите институции што овозможија слободни и демократски избори, на сите членови и сите волонтери на СДСМ и коалицијата, кој несебично се вложија во оваа изборна кампања.

На овие избори победија граѓаните, победи Скопје, победи цела Македонија“, рече Шилегов на пресот.

По првиот круг од локалните избори во 45 општини се избрани градоначалници, а во 35 ќе има втор круг за две недели, односно на 29 октомври.

Во првиот круг избрани се градоначалници на Аеродром, Арачиново, Берово, Битола, Богданци, Босилово, Валандово, Василево, Вевчани, Велес, Гевгелија, Ѓорче Петров, Делчево, Демир Хисар, Дојран, Зелениково, Илинден, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Крвогаштани, Крушево, Куманово, Лозово, Маврово – Ростуше, Неготино, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Пласница, Прилеп, Радовиш, Ранковце, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Струмица, Центар, Центар Жупа, Чучер Сандево и Дебарца.

Втор круг ќе има во Боговиње, Брвеница, Бутел, Виница, Врапиште, Гази Баба, Гостивар, Градско, Дебар, Демир Капија, Пробиштип, Росоман, Долнени, Желино, Зрновци, Јегоновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Липково, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Новаци, Сарај, Старо Нагоричане, Струга, Студеничани, Теарце, Тетово, Чаир, Чашка, Чешиново – Облешево, Штип и Шуто Оризари.

СДСМ во првиот круг освои 37 градоначалнички места, ВМРО-ДПМНЕ три, ДУИ две, група избирачи две и Демократската партија на Турците едно.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе се натпреваруваат во вториот круг во 19 општини, ДУИ и Алијансата за Албанците ќе се натпреваруваат во пет, ДУИ и БЕСА во седум, во една општина кандидат на група избирачи и на ВМРО-ДПМНЕ, во една ДУИ и СДСМ, во една СДСМ и Сојузот на Роми и во една ДПА и БЕСА.

Слични содржини