ОЈО врши увид на две локации каде се пронајдени 4 починати лица

од Vladimir Zorba

Увидни екипи раководени од дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје вршат увид во куќа во Ѓорче Петров, каде што претпладнево биле пронајдени тела на две починати лица, соопштија од ОЈО.

„Веднаш по завршувањето на увидот, екипите ќе се упатат кон селото Глумово, каде што се пронајдени телата на уште две лица. Според првичните информации, двата настани се поврзани, а сите починати лица биле во крвно сродство“, известија од Обвинителството.

Исто така, како што посочуваат оттаму, првичните сознанија на истрагата укажале дека меѓу починатите лица е и едно за кое постои сомневање дека ги лишило од живот другите пред да си го одземе животот.

Во настаните уште едно лице е повредено и како што известуваат од Обвинителството, тоа е хоспитализирано и врз него е извршена хируршка интервенција.

Во меѓувреме, до увидот, локацијата во селото Глумово ја обезбедуваат полициски екипи.

Јавниот обвинител издал наредби за прибирање на сите траги и материјални докази пронајдени на местото, кои подоцна ќе бидат испратени на вештачење.

„Телата на починатите лица ќе бидат предадени на обдукција. Интензивно се работи на расветлување на настанот и на утврдување на мотивите“, соопштија од Основното јавно обвинителство.

Слични содржини