Автономната зона од денеска се шири и на Архитектонскиот факултет каде во 13 часот ќе биде прогласена окупација. Ова е четврти факултет кој прогласува автономна зона, а паралелно на седум факултети од УКИМ студентите ја бојкотираат наставата. Пленумот од Филозофски и Филолошки ќе им даде поддршка на своите колеги од Архитектура и денеска на пладне ги повикаа студентите во аулата да се соберат и да тргнат кон новата ослободена територија.

На Филозофски/Филолошки, пак, во тек е осмиот ден од окупацијата и наместо формалната настава се одржуваат културно-уметнички активности, обраќања на професори кои ги поддржуваaт студентите, или предавања на алтернативниот курикулум кои ја заменуваат наставната програма. Денеска концерт ќе одржи бендот „Дубиоза колектив“, а подоцна во денот е предвидено обраќање на професорот, Љубомир Фрчкоски.

Студентите секоја вечер преспиваат во предавалните. Велат дека не е удобно, но тоа е помалку важно.

– Едвај се спие. Треба да се снајдеш, или ќе легнеш на клупа или во вреќа за спиење. Се будам со болки во грбот и вратот. Не можеш да се наспиеш осум саати, но околу три-четири преспиваш – вели Горан од Филозофски.

Што се однесува до храна и продукти, велат дека имаат се што им треба.

– Не сакаме да ја злоупотребуваме добрината на луѓето. Засега имаме доволно храна за наредните два дена сите да се најадат – велат одговорните за овој дел.

Во складовите се наоѓаат тони храна, кеси со портокали, јаболки и банани, векни леб, маргарини, шишиња масло, грицки и колачиња. Пленумот има и кујнска служба која попладне готви јадења, а на денешното мени најверојатно ќе има супа.

Благодарејќи им на хуманите граѓани кои донираат, веруваат дека доволно се снабдени за до крајот на окупацијата, но немаат претстава до кога таа ќе трае. Најавено е дека утре во Ректоратот ќе се одржи првата координативна средба меѓу претставници на Професорскиот пленум, на УКИМ и на Министерството за образование, а најверојатно ќе учествуваат и претставници на студентите. Задоволено е нивното барање преговорите да се водат на територија на Универзитетот. /+Инфо

Слични содржини