Оланд до Трамп: Не ги укинувајте санкциите против Русија додека не се исполни Минскиот договор

од Vladimir Zorba

 

Францускиот претседател Франсоа Оланд при телефонскиот разговор со претседателот на САД Доналд Трамп наведе дека санкциите против Русија можат да бидат укинати дури кога ќе биде исполнет Минскиот договор за украинската криза. 

Во соопштението од Елисејската палата стои дека Оланд му кажал на Трамп оти „не може да има одржливо ниту кредибилно решение во Сирија без ОН“, како и дека НАТО е „неопходна“.

Оланд му порачал на Трамп и дека „Европската унија треба да биде зајакната во сите сфери, вклучително и во одбраната“.

Наведено е дека францускиот претседател ја нагласил и „важноста на Парискиот договор за климатските промени“.

Тој го предупредил Трамп на „внимателност“ во врска со Иран, со порака дека нуклеарниот договор со таа земја „треба да се почитува“.

Во соопштението од Елисејската палата се наведува дека Оланд побарал од Трамп  да го „почитува принципот за прифаќање на бегалците“, по указот што вчера го потпиша американскиот претседател.

Оланд на Трамп му ги нагласил и „економските и политичките последици од протекционистичкиот пристап“ што новиот претседател на САД го најави и почна да го применува./MIA

Слични содржини