Откако се потпиша договорот од Пржино не стивнуваат позитивните реакции во Брисел и обидите да и се помогне на Македонија да ги започне преговорите за членство со ЕУ.

ek_41-540x409

Како што извести „Мета“ вчера, со договорот од 15 јули европските дипломати сметаат дека ќе биде полесно да се убедат “Грција и земјите кои се кријат зад неа“ да дозволат Македонија да започне да преговара, бидејќи реформите за кои се заложија потписниците би требало да донесат значителен демократски прогрес.

Висок дипломатски извор за „Мета“ утрово исто така го коментираше потпишаниот договор.

– Постигнатиот договор ќе има ефект врз природата на препораката во октомври за старт на преговори. Многу е важно што Специјалниот јавен обвинител ќе може да отвори истрага за материјалите и што опозицијата ќе се врати во Собранието – вели тој.

Дали тоа ќе биде доволно Атина да го крене ветото, никој засега не може со сигурност да каже, но оптимзмот во Брисел е опиплив.

– Секогаш сум сметал дека во Македонија за да се реши спорот за името мора да има целосен консензус од сите партии – вели овој добар познавач на земјата за „Мета“, додавајќи дека оваа „влада на национална единство“, како што ја нарекуваат дипломатите во Брисел, би била добра прилика за таков потег.

– За отворањето преговори за членство со ЕУ, забележуваме исто така дека грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, дојде во Скопје за да разговара со владата. Од кога грчки министер не бил во вашата земја? Дискусиите течат, колку што разбрав, имаше мерки за изградба на доверба, тоа се многу позитивни чекори. Дали ќе има решение, не знам, но ја забележуваме добрата волја на грчката страна да преговара и да пронајде решение со македонските власти. Во тој случај вратите за сарт на преговори со ЕУ ќе бидат ширум отворени – потврдува овој висок дипломат во ЕУ.

Освен заложба на новата техничка влада „на национално единство“ ќе биде важно и министерот за надворешни работи на Грција да остане на функција и покрај можните избори во Грција наесен. Или барем на негово место да дојде некој со исто толкава желба и заложба за решение за името и градење доверба, сметаат во Брисел.

Инаку Македонија ќе биде тема на дискусија на министрите за надворешни работи на ЕУ во понеделник на редовниот Совет на министри, каде комесарот Хан ќе ги извести министрите за постигнатиот договор во Пржино. Подоцна истиот ден ќе се одржи и 12-от Совет за стабилизација и асоцијација помеѓу Македонија и ЕУ. Со него ќе претседава Мирослав Лајчак, министер за надворешни работи на Словачка.

Договорот за стабилизација и асоцијација Македонија го потпиша во 2004 и претставува темел на односите помеѓу ЕУ и Македонија.

Слични содржини