Османи: Понудата на Мицкоски е врв на неодговорноста на една политича партија

од desk2

Имаме најави дека опозицијата ќе ги спречи реформите во правосудството и во јавната администрација доколку се донесе законот за јазиците, рече вицепремиерот Бујар Османи одговарајќи на новинарско прашање зошто доцнат реформите.


Оцени дека генерално тој процес се развива, освен што доцнат неколку закони, но додаде дека и тие треба да бидат донесени во текот на наредните денови.

Османи ја коментираше и понудата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека неговата партија ќе даде поддршка за реформските планови на СДСМ, ако законот за јазици биде повлечен од собраниска процедура.
– Ова е врвот на неодговорност на некоја политичка партија. Да ка

жете дека јас ќе го запалам домот затоа што не ми се задоволува една моментална потреба е врв на несериозност на политичка партија која претендира да ја води државата, истакна Османи.
Според него, изјавата за моноетничко здружување за да се спречи можност која ја нуди Рамковниот договор е анахрона и ризична.

– Не сум размислувал дека такво нешто може да каже некој во 2018 година, рече Османи.
Нагласи дека тоа е сериозна изјава и оти се надева дека ќе биде демантирана.

– Тоа е сериозна изјава и се надевам дека ќе ја демантираат, дека е погрешно искажана, бидејќи да дадат порака дека една етничка заедница треба да формира сама влада за да ги спречи другите етнички заедници да можат да го користат нивниот јазик и основните човекови права е крајно неодговорно во овие историски моменти, рече Османи.

Вицепремиерот потенцираше дека Владата од преземањето на власта има јасна визија што сака да постигне до крајот на мандатот.
– Сака Македонија која што нуди еднакви можности за сите, сака Македонија која што ќе биде членка на НАТО и која што ќе биде членка на Европската унија и нема да направиме компромис со овие цели, ниту пак со плановите коишто сме ги направиле за да ги постигнеме овие цели, а тоа се меѓуетничките, меѓусоседските односи и внатрешните реформи, потенцира Османи.

Тој уверува дека ваквите, како што ги нарече, анахрони ставови нема да ги обесхрабрат, туку напротив ќе ги охрабрат да продолжат и да докажат дека времето на таквите изјави е поминато.
Османи рече дека ја разбира опозицијата на која и е потребна мобилизација на членството и внатрешно консолидирање, но вели дека меѓуетничките односи не се тоа гориво кое што треба да ги покрева. – Тоа гориво не е соодветно за нив и не смеат да го користат, додаде тој.

Истакна дека тие можат да искористат многу други теми со коишто ќе понудат решенија и подобар живот на граѓаните на РМ, а не меѓуетничките односи.

– Доколку новото лидерство на ВМРО-ДПМНЕ продолжи со оваа реторика и овој вокабулар, мислам дека таа партија нема добра иднина, истакна Османи.

Слични содржини