Османи-Рот: Иницијатива од Македонија за стратешко партнерство со Германија

од desk2

Германија може да помогне во решавањето на отворените прашања и затоа наша цел е да биде стратешки партнер на Македонија, оценил македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Бујар Османи на денешната средба со Михаел Рот, државен министер за Европа во рамки на Министерството за надворешни работи на Германија, соопшти Секретаријатот за европски прашања при македонската Влада.

На средбата во рамки на денешната посета на Германија, вицепремиерот Османи изразил голема благодарност за континуираната поддршка и посветеноста на германската држава за европските интеграции на земјите од Западниот Балкан, особено истакната преку иницијативата на „Берлинскиот процес“, но и за директната билатерална поддршка што Република Македонија ја добива од Германија.

– Во таа насока, Ви ја пренесуваме иницијативата на нашата Влада за создавање стратешко партнерство меѓу Република Германија и Република Македонија, со што вашата поддршка би добила и формална суштина, истакнал Османи, додавајќи дека стратешкото партнерство би било особено важно за забрзување на европските и евро-атлантските интегративни процеси во Македонија.

Вицепремиерот Османи на средбата ја претставил новата политичка состојба во Македонија во однос на посветеноста кон реформите, но и кон отстранувањето на сите останати пречки кои ги попречуваат нашите европски и евро-атлантски интеграции.

На министерот Рот, стои во соопштението, Османи му ја презентирал имплементацијата на Планот 3-6-9 и ја повторил посветеноста на Владата за целосно спроведување на сите потребни реформски приоритети за кои Владата презеде обврска да ги спроведе.

Покрај имплементацијата на реформите, Османи посочил и на затворањето на две од трите клучни политички прашања кои претставуваа пречка за нашите европски интеграции: потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија, за кој постои политичка волја да биде ратификуван во Парламентот; како и усвојувањето на новиот предлог – закон за употреба на јазиците од страна на Владата, за кој исто така се очекува да биде изгласан и во Собрание.

– Отстранувајќи ги останатите пречки на патот на нашите европски и евро-атлантски интеграции, Македонија останува соочена со спорот околу името на нашата земја со Грција, за чие решавање, како Влада но и како држава ние потребна помош.

Затоа сакам отворено да побарам вклучување на Германија во решавањето на овој спор, како една од највлијателните земји членки на Европската Унија и НАТО, истакнал Османи. Тој додал дека се работи за спор кој е предимензиониран поради неговото долго опстојување, и дневно-политичко злоупотребување, и кој предизвикува длабоки емотивни реакции кај двете страни, што го отежнува неговото решавање.

Во тек на денешната работна посета на Германија македонскиот вицепремиер имал средби со повеќе високи претставници на германската држава, како и влијателни претставници на невладини организации и тинк-тенкови од Германија. На средбите, вицепремиерот Османи ги преставува политичките состојби во Република Македонија, а од германските претставници ќе побара поддршка за нашите европски и евро-атлантски аспирации, се вели во соопштението.

Слични содржини